| четврток, 6 декември 2018 |

За интегрирана А-дозвола остануваат во сила обврските за еколошки стандарди

ademi
Обврските за исполнување на еколошките стандарди за добивање  интегрирана А-дозвола остануваат според Законот за животна средина, без разлика дали Владата ќе одлучи да го одложи рокот или не, порача министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми.
Тој на денешната презентација на системот за отпрашување што треба да биде инсталиран во „Макстил“ ги повика раководствата на компаниите кои треба да ги исполнат обврските да преземат конкретни чекори и целосно да ги исполнат оперативните планови.
– Процесот за усогласување со еколошките стандарди почна кон крајот на 2006 година. Тоа е долг процес во кој се преговара, се усогласува и се утврдува оперативниот план и на крај се доставува интегрираната дозвола. Бара средства и време за имплементација – рече Адеми.
Во однос нa пролонгирање на рокот, кој е до крајот на април годинава, министерот информира дека уште нема конечна одлука.
– Без разлика на роковите, ова е обврска на „Макстил“ и на сите компании и се надевам дека ќе биде исполнета. Пролонгирање може да има одделно, зависи од компаниите кои ќе бараат и за дел од оперативен план. Тоа може да биде неколку месеци, во зависност
од барањето и фазата од која компаниите се влезени со инвестиции и со исполнување на оперативниот план. Ако нема инвестиција, проект или воопшто нема почнато со имплементирање тогаш е тешко да се бара одлагање. Треба да знаеме дека пролонгирањерто нема да биде за сите капацитети или за сите оперативни планови – нагласи Адеми, додавајќи дека пролонгирање може да има само за компаниите кои прават конкретни чекори.
Генералниот директор на „Макстил“,  Иван Бановски истакна дека компанијата ќе продолжи да работи паралелено со производството и со имплементација на системот за отпрашување.
Имплементацијата на проектот очекува да почне на почетокот на март, а инвестицијата ќе чини 10 милиони евра.
– Системот ќе биде готов осум месеци од почнување на имплементацијата до финално пуштање во употреба на постројката – рече Бановски посочувајќи дека ќе им биде потребно пролонгирање на рокот околу шест месеци.
Постоечката постројка за третман на гасови во Макстил е со капацитет од 163.000 метри кубни на час, со надградба и комплементирање ќе биде 1.800.000 илјади метри кубни на час.
Ќе содржи примарна линија за прифаќање на гасовите, целосно е независна од секундарната и генерализирана од независниот дополнителен генератор, ќе врши елиминирање на регулациски придушувачи, лесно прилагодлив проток во фазите на топење и
полнење на електро-лачна постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top