На граничниот премин „Богородица“ денеска почнаа градежните активности за реконструкција на управната зграда и придружните објекти во рамки на проектот „Развој на граничната инфраструктура меѓу Република Македонија и Република Грција“ финансиран од фондовите на ЕУ преку програмата за прекугранична соработка.
– Реализацијата на овој проект претставува придонес кон олеснувањето на движењето долж паневропскиот Коридор 10, но и придонес кон олеснување на прекуграничниот промет, скратување на царинските формалности, подобрување на условите за работа на царинските службеници и за попријатен престој на граничниот премин – рече Наташа Радеска-Крстевска, директорка на Царинската управа.
Таа додаде дека проектот позитивно ќе влијае врз олеснување на комуникацијата на населението од пограничните општини и дека претставува дополнение кон воведувањето на новиот компјутеризиран транзитен систем на ЕУ во Република Македонија, кој ќе ги олесни царинските постапки преку електронско поднесување документи за транзит.
Според Радеска-Крстевска, и реконструкцијата претставува придонес кон остварување на стратешките приоритети на Владата во олеснувањето на меѓународната трговија, но и кон надградба на оперативните капацитети на Царинската управа и придонес за зближување и поврзување на луѓето, културите и нивното подобро разбирање.
Директорката на Царинска управа најави дека наскоро ќе се реконструираат и царинските премини „Табановце“, кон Србија, и „Ќафасан“ кон Албанија со финансиска помош од ЕУ.
Магдалена Шарламанов, проект-менаџер на Делегацијата на ЕУ, рече дека ЕУ веќе 20 години ја поттикнува реализацијата на стратегиските цели во областа на подобрувањето на прекуграничниот економски развој кој, меѓу другото, се промовира преку мерки за економски развој, олеснета прекугранична комуникација и промоција на одржлив туризам.
Додаде дека досега се инвестирани 15 милиони евра во вкупно 38 вакви проекти.
Реконструкцијата на граничниот премин „Богородица“ ќе чини 193.000 евра што ги обезбедија фондовите на ЕУ и Владата на Република Македонија. Реконструкцијата на управната зграда со придружните објекти на граничниот премин „Богородица“ ќе заврши за три месеци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.