
Организаторите на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Сочи, кои се во тек, се надеваат дека ќе го поттикнат здравиот начин на живот во Русија, земја со висока стапка на смртност, која докторите и здравствените стручњаци ја препишуваат на ризичните фактори на живот.
Според податоците на руската влада, околу 400.000 лица умираат годишно од заболувања што се поврзани со пушењето цигари. Алкохолот е исто така со децении еден од факторите на ризик на смртност.
Сочи,олимпискиот град, гради имиџ на здрав град. Еден од таквите чекори е и тој во 2010 година кога беше донесен Законот на градските власи за непушачки зони. Но, прошетката низ градот овие денови укажува на тоа дека уште многу треба да се направи.
Околу 60 проценти од Русите и 25 проценти Русинки се пушачи, а според истражувањата, секој осми смртен случај е поврзан со прекумерната употреба на алкохол, посебно вотка.
Волонтер на Игрите и поранешен пушач, Андреј Прокопјев се надева дека може да придонесе на позитивните промени. Тој е еден од оние кои го организираа „Хелт експо“, неформална улична клиника во центарот на Сочи.
– Во Русија имаме различни видови промблеми. Некои од тие заболувања се вообичаени во светот. Кај нас, поголемиот дел се поврзуваат со зависноста од цигари, алкохол и други видови зависности – вели Прокопјев.
Лекарите општата состојба на телото на човекот ја мерат според осум показатели – од крвниот притисок до силата во рацете и со тие показатели се формира слика за биолошката старост, односно реалната состојба на телото.
Биолошката старост на Русинката Галина, според тие показатели, е 69 години. Но, таа има 62.
– Вознемирана сум од сознанието дека мојата биолошка старост е поголема од годините што ги имам. Мислам дека идејата за таквото оценување на телото е многу корисна и е добро предупредување како да го живееме животот – изјави Галина.
Константин Казнов, еден од посетителите на Игрите вели:
– Навистина уживам гледајќи ги натпреварите. Сакам да бидам здрав, сакам на еден начин да бидам сличен со овие спортисти.
Во олимпискиот парк е забрането пушењето, освен во посебно означените делови. Во април годинава во Русија ќе стапи на силата законот со кој се забранува пушење во баровите, рестораните и продавнциите. Руската влада ја зголеми и цената на вотката, сметајќи дека на тој начин ќе ја обесхрабри нацијата да посегнува по алккохолот.
– Игрите во Сочи се нов почеток за многумина Руси. За пушачите да престанат да пушат и да почнат да мислат на здравјето. Спортот е здравје, здравјето е спорт – вели Прокопјев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


