Македонски лекари ќе се едуцираат во Државната универзитетска клиника во Минхен. Премиерот Никола Груевски во рамки на работниот престој на Сојузна Република Германија ја посети оваа реномирана клиника каде што имаше средба со директорот Карл Валтер Јаук и неговиот менаџерски тим.
– Во рамките на нашите напори и програма за едукација на што поголем број лекари, договоривме да прифатат наши лекари да дојдат тука на обука за различни медицински методи, кои кај нас или воопшто ги нема или се во некоја полимитирана, а овде се во многу понапредна форма – изјави Груевски по средбата.
Тој истакна дека оваа клиника, која е втора по големина во Германија по берлинската, веќе е ставена на листата каде нашите лекари ќе можат да практикуваат нови знаења, да учат нови работи, нови методи.
Што се однесува до тој дел, потсети дека во најновите законски одредби што поминаа во парламентот сите лекари се обврзани во период од пет години најмалку шест месеци да поминат на обука во понапредни медицински центри надвор од земјата.
– Соработката со вакви медицински центри, како што е Универзитетската клиника во Минхен, е од голема корист, бидејќи ќе им помогне на многу наши лекари, медицински сестри, фармацевти и друг медицински персонал, кои работат во болниците и клиниките да имаат можност да стекнат искуства и знаења од овие напредни медицински центри – истакна премиерот Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.