Првиот човек на Еврокомисијата Жозе Баросо, во телефонскиот разговор со претседателот на Украина Виктор Јанукович, повикал на итен прекин на насилството и цврсто ја осудил употребата на сила за решавање на политичката криза. Тој потсетил за посебната одговорност на украинската влада за да се избегне насилството и побарал почитување на човековите права и основните слободи. Барозо му посочил на Јанукович за важноста на сите актери во извршувањето на политичкиот процес без предуслови, во духот на заедничка одговорност.
„Претседателот на ЕК во разговорот се осврна и на фактот дека иако Унијата останува подготвена да помогне и да го олесни овој процес, сепак, Брисел ќе реагира остро на влошувањето на ситуацијата“ – велат од кабинетот на Баросо. Советот за надворешни работи утре ќе се состане за да разговара за конкретни мерки против одговорните за насилството.
Во меѓу време министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Полска најавија дека утре ќе допатуваат во Киев, непосредно пред советувањето шефовите на европските дипломатии во Брисел, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на францускиот прв дипломат Лоран Фабиус.
„Со моите колеги од Полска и Германија, Радослав Шикорски и Франк-Валтер Штајнмаер, решивме утре да заминеме за Киев за да ја добиеме најновата информација за тамошната ситуација пред средбата во Брисел“ – рече Фабиус.
Треба да се воспостави политичкиот дијалог меѓу опозицијата и властите, изјави францускиот министер во присуство на американскиот државен секретар Џон Кери.
Лидерите на украинската опозиција упатија повик до ЕУ да им додели финансиска помош на регионите во земјата, чии администрации одбиваат да ја признаат централната власт.
Повикот е дел од денеска објавеното заедничко соопштение на претседателите на парламентарните групи на партиите „Баткившчина“, УДАР и „Слобода“.
Во Украина веќе неколку региона на ниво на органи за локалната самоуправа одбиваат да ја признат за легитимната актуелна централна власт. Има многу области каде чиновниците се морално подготвени да го следат овој пример и да го поддржат украинскиот народ. Но, ги запира финансиската зависност од „центарот“. Затоа ја молиме Европската унија да го поддржи воспоставувањето на демократијата во Украина и да оддели финансиски ресурси за укажување на помошта на таквите региони, пишува во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.