| четврток, 6 декември 2018 |

Бесими во Брисел: Македонците и Албанците се заедно за прашањето за името и за иднината на земјата

besimi

Прашањето за името и евроатлантската перспектива на Македонија ги загрижува сите граѓани на земјата, без разлика на нивната националност. Неточни се шпекулациите дека албанските претставници во Владата не се заинтересирани исто како и македонската заедница дека интересот за земјата е идентичен, сите сакаме да напредува, да биде членка на ЕУ и на НАТО и заедно сме во ова.

Ова е клучната порака на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции, Фатмир Бесими, дадена на денешниот политички брифинг „Македонската европска иднина – проспекти и предизвици“ организиран од Европскиот центар за политика (ЕПЦ) во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА од европската престолнина, настапот на Бесими предизвика огромно внимание и салата во познатата „Ресиденс палас“ беше претесна да ги прими сите заинтересирани на политичкиот состанок. Вицепремиерот, пак, отворено говореше за сите прашања што се поврзани со македонската евро-атлантска интеграција, притоа потенцирајќи дека Европската унија ќе донесе посилна социјална кохезија во Македонија, од што, според него, бенефит ќе имаат двете заедници, укажувајќи дека од претходната 80-процентна поддршка на ЕУ-интеграциите во земјата, сега паднала на 60 проценти, што сè уште е висок процент.

– ЕУ-перспективата е иднина на земјата и регионот и вреди да се работи за тоа. Ние мислиме дека европска иднина е подобра за земјата, посебно што сите земји од Балканот имаат заеднички посткомунистички период, мултиетнички и мултикултурен контекст, голема историја во минатото, па затоа треба само да гледаме напред кон заедничка иднина. Од војните во 90-тите години на минатиот век, денеска сите заедно во регионот работиме во мир и со евро-атлантската иднина како цел – посочи Бесими во неговиот настап.

Македонскиот вицепремиер истакна дека процесот на пристапување кон Унијата носи многу предизвици, не е секогаш лесен. Тој потсети дека земјата од 2005 година е кандидат, а од 2009 година добива позитивни препораки од Европската комисија да ги започне пристапните преговори, посебно што Македонија е прва земја која потпиша Договор за стабилизација и асоцијација и годинава слави десетгодишна од имплементаицја на овој договор и очекува да влезе во втората фаза.

Бесими истакна дека цената од приклучување кон ЕУ е подобра од цената за неприклучувањето кон Унијата. Според него, Македонија сака да ги реши отворените билатерални прашања со соседите Грција и Бугарија, при што секогаш се обидува да биде констурктивна во тој поглед. Тој посочи дека рамката на преговори под капата на Обединетите нации трае предолго и дека е потребна поинтензивна комуникација, посуштинска дискусија и состаноци на високо ниво.

– Ако две страни имаат проблем, тогаш треба да станат двајца партнери што ќе дојдат до решение. Македонија работи на градење на демократски вредности како идна членка на ЕУ и на НАТО – рече Бесими.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top