
Шкотскиот државен секретар Џон Свини ги отфрлил тврдењата на претседателот на Европската комисија (ЕК), Жозе Мануел Баросо, дека независна Шкотска би морала да аплицира за членство во ЕУ.
Според Свини, кој е државен секретар за финансии, вработување и одржлив развој во шкотската влада, коментарите на Баросо се „прилично бесмислени”, во однос на тоа дека доколку Шкотска изгласа независност од Велика Британија, тогаш за неа „би било тешко, но не и невозможно да стане членка на Европската унија”.
Свини рекол дека споредбата на ситуацијата на Косово со онаа на Шкотска е невозможна потенцирајќи дека „Шкотска е членка на ЕУ веќе 40 години, и е дел од Унијата”.
Свини потенцирал дека нема најави дека која и да е земја-членка би ставила вето на членството на Шкотска во ЕУ, вклучувајќи ја и Шпанија, каде што каталонските сепаратисти се залагаат за независност.
„Шпанскиот министер за надворешни работи изјавил дека неговата земја нема да каже ништо доколку Шкотска стане независна држава, во процесот кој е договорен со Велика Британија. Тоа јасно наговестува дека шпанската влада нема да го постави прашањето за членството на Шкотска во ЕУ”, укажал Свини.
Баросо претходно предупреди дека доколку дојде до таква ситуација, тогаш тоа што е важно е дека влезот на таквите земји во ЕУ треба да биде одобрен од сите членки на Унијата, и дека би било „екстремно тешко” да се добие одобрување од сите земји, доколку новата членка на Унијата доаѓа од една веќе постојна членка.
„Видовме дека Шпанија дури се противи и на признавањето на Косово. Во одредена мера ова е сличен случај, бидејќи тоа е нова земја”, рекол Баросо, додавајќи дека Шкотска, како независна земја, би морала да побара членство во ЕУ и одобрување од сите сегашни членки на Унијата.
Баросо изјавил дека останува на граѓаните на Шкотска да решат за својата иднина додавајќи дека тој не сака да се меша во овој процес.
Референдумот за независност на Шкотска ќе биде одржан на 18 септември, а референдуското прашање ќе гласи: Треба ли Шкотска да биде независна земја?
Шкотската Влада најави дека ќе преговара за шкотската позиција во ЕУ, и дека тоа би можело да се случи 18 месеци по референдумот, доколку независноста на Шкотска добие мнозинска поддршка од шкотските граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


