По рекордните приходи во Хрватска следеше пад, па компанијата побарала претстечајна постапка која не успеа. Сега се очекува продавниците за детски играчки „Уан2плеј“ (One2play) за неколку денови да ги затворат вратите, како официјално е соопштено „поради неповолниот крај на претстечајниот договор и неможност за натамошна работа“.
Компанијата, која почна да работи во 2000 година под друго име, а во 2007 го менува името во актуелното, кое во превод значи „Еден за игра“. По неколкугодишниот успех и проширување во регионот, на економската криза се надоврзало и тоа што голем број играчки се нудат во големите маркети, па родителите ги купуваат кога одат во секојдневните набавки наместо во специјализираните продавници. Притоа, нивната продажба расте и покрај послабиот квалитет што, пак, зависи и од ниската цена.
Кризата во продажбата на детски играчки се приметува и во Кина. Веќе подолго време најголемиот производител на играчки бележи пад на нарачките од Европа. Па според последните проценки, нема место за грижа бидејќи домашниот пазар на играчки до 2015 година двојно ќе се зголеми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


