| четврток, 6 декември 2018 |

Арнаудовска: Правилникот за одмерување на санкциите не ја загрозува независноста на судијата

aneta arnaudovska

Опсегот на измените на Кривичниот законик е воведување законска основа за Правилникот за одмерување на санкциите, а со цел за воедначување на казнената политика. Тоа е причината за донесување вакви Упатства за казнување во сите земји, кои имаат адверзијален систем на кривична постапка како САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд…, вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, во интервјуто за МИА.

Со оглед на тоа дека со новиот ЗКП воведовме ваков систем и ние, потребно е, вели таа, за да заживее институтот на спогодување да се воедначи казнената политика, која досега беше шарена и ниска.

– Другите причини се намалување на големиот диспаритет на изречените санкции, меѓу одделните апелациски подрачја, и дури и внатре во самите судови, редуцирање на судската дискреција, како и спречување на корупцијата, а во контекст на четвртиот круг на оценка на ГРЕКО, кој на повеќе држави им наметна обврска да ја усогласат судската практика, а за обвинителството, да воведат водачи и процедури за одмерување на казните – вели Арнаудовска за МИА.

Новата одредба, објаснува Арнаудовска, не го нарушува начелото на независност на судијата и слободното судиско убедување, од причина што и граѓаните не треба да трпат од разните видови казнена политика на одредени подрачја, а во конкретниот случај, правилникот ќе биде усвоен од претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, значи, самата судска власт ги донесува овие правила.

– Ова е добар инструмент за заживување на проктивната улога на обвинителите во духот на новиот ЗКП бидејќи ќе имаат обврска на судот да му ги пласираат сите факти и докази, врз основа на кои, судот ќе изврши градација на олеснителните и отежнителните околности – вели таа.

Арнаудовска смета дека погрешно се толкува одлуката на Врховниот суд на САД, Букер против САД од 2005 година, со која, Упатствата за казнување не се укинуваат, туку немаат повеќе задолжителен карактер, но и таа одлука е доста контраверзна, со оглед на начинот на кој се гласало (5 наспрема 4 гласа). Покрај тоа, додава таа, судиите во САД и покрај оваа одлука, се должни при одмерување на казната, да ги вкалкулираат, правилата од овие Упатства, инаку пресудата ќе биде преиначена.

– Без оглед што во некои кругови, многу се цитира оваа пресуда, таа е многу комплесна и, всушност, причината за нејзино донесување е сосема друга, а тесно поврзана со системот на порота во американскиот кривичен систем и докажувањето „над разумното сомневање“ – вели Арнаудовска за МИА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top