Рокот за пријавувањето за користење на услугата „Бањско- климатска рекреација“ за корисниците на пензија истекува утре. До 12 февруари за услугата се поднесени 18.165 барања. Од Министерството за труд и социјална политика ги повикуваат сите корисници на пензија да го искористат преостанатиот рок да аплицираат и да ја искористат можноста за бањско-климатска рекреација.
Барањето за користење на услугата, појаснуваат оттаму, се поднесува во филијалите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, а изборот на корисниците на пензија то ќе ја користат услугата ќе го врши Комисија за разгледување и рангирање корисници на пензија за бањско-климатска рекреација, составена од претставници од повеќе институции.
– Рангирањето на корисниците на пензија коишто ќе ја користат оваа услуга ќе се врши според бодови и тоа: до 60 бода ќе се добива во зависност од висината на пензијата, односно повеќе бодови за помала пензија, до 30 бода во зависност од времетраење на
користење на пензијата и должината на пензискиот стаж до остварувањето на правото на пензија, до 10 бода за лицата коишто користат помош и нега од друго лице- се посочува во соопштението од МТСП.
Во него се појаснува дека при рангирањето на корисниците на пензија ќе се има во предвид фактот дали пензионерот ја користел услугата во 2010, 2011, 2012 или 2013 година, односно тие што претходно ја користеле услугата нема да може да ја користат и во 2014 година. На овој начин, потенцираат од МТСП, се отвора можност на други корисници да бидат соодветно
рангирани и да ги користат услугите од овој проект.
– Списоците со податоци за корисници на пензија коишто ќе ја користат услугата за бањско климатска рекреација ќе се објават на веб страниците на Министерството за труд и социјална политика и на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на
Македонија најдоцна до 5 март 2014 година. Корисниците коишто ќе ја користат услугата ќе добијат и известување за терминот и бањата каде што може да ја користат – се вели во соопштението.
Од МТСП потсетуваат дека услугата на бањско климатска рекреација може да се користи еднаш во период од втората половина на март до ноември 2014 година, во траење од 7 дена и опфаќа 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, еден
задолжителен здравствен преглед, трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во којашто ќе се користи услугата на бањско климатска рекреација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.