Банките во јануари го задржаа стабилното ниво на ликвидност. Кај депозитите има поволни движења. Депозитниот потенцијал и натаму се зголемува иако побавно на месечно ниво, а зголемување е забележано и кај кредитите и тоа во секторот население.
Според Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, кредитната активност е во согласност со очекувањата од октомвриската проекција, а поволни се и краткорочните согледувања на банките за кредитните услови и за идната побарувачка на кредити во следниот квартал, дадени во рамките на најновата Анкета за кредитната активност. Сепак, како што стои во соопштението од одржаната вчерашна седница на Комитетот, надолните ризици околу кредитниот раст и понатаму се присутни.
Економијата, според показателите, и натаму ќе расте, веројатно со сличен интензитет како и во третиот квартал. Овие оценки, Комитетот, во голема мерка, ги заснова врз натамошните поволни движења кај клучните економски сектори, пред се кај градежниот и индустрискиот сектор.
– Оценките и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Во отсуство на нови податоци за инфлациските остварувања од почетокот на годината, и натаму се укажува на претежно надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2014 година, од 2,3 отсто, утврдени во јануарскиот преглед на тековната состојба. Овие оценки ја одразуваат пониската остварена стапка на инфлација на крајот на 2013 година, во однос на проектираната и јануарските ревизии на светските цени на храната и нафтата – се наведува во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.