Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и пензионерите направија усогласување на пресметките за зголемување на пензиите, па така од следниот месец пензионерите ќе добијат околу 600 денари плус.
-Македонија е единствена земја во регионот и во Европа, која успева во вакви тешки времиња, кога во Европа се’ уште се чувствуваат последиците од кризата не само да ги заштитиме пензионерите да не се зголеми старосната граница и редовно да се исплаќаат пензииите, туку и да извршиме зголемување на пензиите за износ кој што е значителен, ако се има во предвид колкави се финансиските можности на државата- рече денеска Ставрески по средбата со министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Беким Незири, и Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите, Драги Аргировски.
Во следните десет месеци, како што нагласи тој, ќе бидат исплаќани на пензионерите овие зголемени пензии и тоа ќе влезе во основицата за пресметка за следната година.
-Ликвидноста на буџетот е добра дека и понатаму ќе продолжиме со редовна исплата на пензиите и зголемените социјални надоместоци како и исплатата на субвенциите и сите други обврски на буџетот- појасни Ставрески.
За разлика од другите земји во регионот и Европа, потенцираше министерот Спасов, во Македонија се бележи зголемување на пензиите како и останување на истата старосна граница за заминување во пензија.
– Просечната пензија во 2006-та година изнесувала 7.683 денари, додека таа во март оваа година ќе биде на ниво од 12.445 денари, што е за 62 отсто зголемување. Најниската пензија во 2006-та година била 4.330 денари додека во март годинава таа ќе биде 7.620 денари што 76 отсто зголемување. Највисоката пензија во 2006-та година изнесувала 27.606 денари, додека највисоката пензија во март оваа година ќе биде 36.007 денари што е зголемување од 30,43 отсто – рече Спасов.
Според директорот на ПИОМ, ова зголемување на пензиите нема да предизвика проблеми во буџетот на Фондот, бидејќи тие средства се обезбедени и нема да има никакви импликации за тоа.
За пензионерите ова зголемување, како што нагласи нивниот претставник Аргировски, ќе значи подигнување на животниот стандард.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.