Како пренесува МИА, Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, синоќа присуствувал на работната вечера што високата претставничка за надворешна политика на Европската унија Кетрин Ештон и шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Унијата го одржа со министрите од државите-кандидати за членство во ЕУ.
На маргините на овој настан, министерот Попоски се сретнал и со својот грчки колега Евангелос Венизелос, кој потврдил дека иднио четврток (20. февруари) ќе дојде во Скопје, како и со бугарксио министер Кристијан Вигенин, со кого се договориле Македонија и Бугарија заеднички да инсистираат Европската комисија да помогне финансиски во однос на поврзувањето преку Коридорот 8.
Инаку, според шефот на македонската дипломатија, главни теми на вечерата биле случувањата во Босна и Херцеговина и Источното и Јужното партнерство. Во однос на заклучоците за Босна, се потенцирало дека ЕУ нема капацитет да дејствува превентивно, иако имало многумина што биле критични. Британскиот министер Вилијам Хејг го споменал економскиот фактор како причина за протестите, но дека лесно може да прерасне во етнички судир.
– Синоќа имавме редовен состанок што министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија го одржуваат со земјите-кандидати за членство. Неколку теми дискутиравме, при што во фокусот беа збиднувањата во Јужното и Источното соседство на Унијата, како и последните настани во Босна и Херцеговина кои предизвикуваат интерес од аспект на сите земји што се на пат за пристапување кон Унијата, при што беа споделени повеќе мислења дека можеби во рамките на ЕУ се потребни превентивни ангажмани, односно ангажирање на дипломатијата за подобрување на односите- истакна Попоски.
И покрај претстојните избори за Европарламентот, во кои несомнено евроскептичните партии ќе имаат значаен удел, сепак, според македонскио министер, останала главната порака дека сите земји од Балканскиот полуостров се предодредени за членство и Европската унија стои на ветувањето дека ќе бидат дел од Унијата.
-Разговаравме и за значењето на овој процес да добие определена динамика, т.е. да не се успори, особено за време на Грчкото претседателство со ЕУ. Имав можност и за повеќе неформални средби со повеќе колеги од нашиот регион и земји-членки на Унијата. Колегата од нашиот јужен сосед најави дека во текот на идната седмица, конкретно в четврток, планира да дојде во Македонија и да не посети. Пораките се дека и покрај тоа што не фигурира како приоритет, проширувањето останува определна заложба за нивната акција оти во 2003 година, истата земја кога претседаваше со ЕУ, се има заложено да остане ветувањето дека сите балкански земји ќе бидат дел од ЕУ- додава министерот за надворешни работи на Република Македонија.
Попоски му посочил на Венизелос дека останува да се види дали ќе успеат овие ветувања да се поткрепат и со конкретни гестови, што за Македонија е особено значајно.
Министерот Попоски разговарал и со шефот на дипломатијата на Бугарија, Вигенин, во врска со можностите да се интензивира соработка во неколку проекти.
-Тоа вклучува и обраќање до Европската комисија за посилна поддршка на Коридорот 8, кој е значаен за Република Македонија, како и за потребите за размена на простор за амбасади во Скопје и Софија, како и неколку други проекти што се во тек. За нас е значајно да ја задржиме динамиката и со Пристапниот дијалог на високо ниво, нешто за што испорачавме повеќе резултати и кое очекуваме следнио период да ни помогне околу клучните реформи што се најзначајни за членство во ЕУ- заклучува министерот Попоски.
Попоски утре ќе го придружува премиерот Груевски кој ќе оствари средба со генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.