На крајот на оваа недела, поточно на 14 февруари, истекува рокот за пријавување на заинтересираните лица корисници на пензија за користење на услугата бањско климатска рекреација.
Oваа услуга може да ја користат лица-корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија остварена според прописите на Република Македонија и прописите на други држави со коишто Република Македонија има склучено договор за социјално осигурување, а коишто ова право го стекнале заклучно со ноември 2013 година.
Услугата може да се користи еднаш, во период од март до ноември 2014 година, во траење од 7 дена. Одобрениот термин за користење на услугата не може да се менува, освен доколку постои спреченост поради болест. Услугата на бањско климатска рекреација опфаќа: 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, еден задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во којашто ќе се користи услугата на бањско климатска рекреација.
Лицата корисници на пензија коишто користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице имаат право на придружник за време на бањско климатската рекреација.
За користење на бањско климатската рекреација потребно е да се поднесе барање до Подрачната единица на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според местото на живеење на корисникот на пензија. Барањето го издава подрачната единица на Фондот. Кон барањето, доколку корисникот на пензија користи и право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице или додаток за мобилност и слепило, треба да се достави и потврда/ чек за исплата од ноември 2013 година за користење на ова право од надлежниот Центар за социјална работа.
Доколку корисникот на пензија користи и дел од пензија којашто се исплатува од друга држава, задолжително треба да се достави и потврда/чек од банката за месечниот износ на пензијата.
Лицата корисници на пензија, кои што во 2010, 2011,2012 и 2013 година го искористиле правото за користење на бањско климатска рекреација, немаат право на повторно користење на оваа услуга.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.