Во Собранието на Република Македонија денеска, во рамки на 84. седница, почна расправата по измените на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година.
Законот се донесува по скратена постапка, а со него ќе бидат опфатени лицата што останале без работа како резултат на приватизација на компанијата што била во државна или доминантна државна сопственост до 31 декември 2013 година. Овие лица ќе бидат материјално обезбедени со месечен надомест од 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година и плус здравствено осигурување.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека со ова законско решение се очекува да се реши горливиот проблем на околу 3.000 стечајци.
Лицата што ќе бидат опфатени со законот треба да имаат најмалку 25 години работен стаж, а во меѓувреме, ако биле вработени, да не им е прекинат работниот однос по нивна вина или волја.
СДСМ најави дека ќе го поддржи предложениот закон бидејќи со него се решава проблемот на одредена група стечајци, но се сомневаат дека со законот ќе им се помогне на околу 3.000 стечајци како што тврдат надлежните.
Според Маријанчо Николов, законот е предизборен чекор на власта затоа што во буџетот не е предвидена ставка за негово спроведување.
– За жал, ова законско решение ќе важи само за мал број стечајци и со него нема да бидат опфатени сите стечајни работници – рече Николов.
Илија Китановски од ВМРО-ДПМНЕ во репликата на Николов потсети дека Владата донела два закона со кои го решава проблемот на околу 6.000 стечајци и дека е логично законите да важат за тие фирми што се во државна или доминантна државна сопственост.
Весна Бендевска од СДСМ оцени дека законот е селективен, исто како оној од 2008 година со кој биле опфатени 20 проценти од стечајните работници.
Во репликата, министерот Спасов забележа дека Бендевска изнела лажни податоци затоа што користела информации од стар извештај од пред четири години. Расправата по оваа точка од дневниот ред продолжува по редовната едночасовна пауза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.