| четврток, 6 декември 2018 |

Преку економски стандарди до подобри економски резултати на фирмите

oznaka CE
Институтот за стандардизација заедно со компанијата „Раде Кончар, контрактори и релеи“ во наредните шест месеци ќе спроведуваат проект за примена на стандарди и економски придобивки.
Целта е да се види колку примената на европските стандарди ќе има позитивно влијание на економските резултати на работењето на компанијата. Доколку се постигне зголемување од 2-3 проценти, според директорот на Институтот за стандардизација Љупчо Давчев, тоа ќе значи дека се постигнати резултати.
Велибор Ивановски од „Раде Кончар“ посочи дека очекуваат меѓу 5-7 проценти зголемување на економски план од примената на стандардите. Посочи дека тие веќе имаат применето некои европски стандарди и оти се една од компаниите во Македонија која на своите производи ја има ознаката „СЕ“ за безбедност на производот, а без кој не може да се извезува на европските пазари.
– Процесот на стандардизација не е едноставен и е навистина скап. Целата постапка може да чини за некои стандарди и до 10-тина илјади евра – рече Ивановски.
Директорот на Институтот за стандардизација потенцира дека самиот стандард чини меѓу 1000 и 3000 евра, но оти имплементацијата на стандардите ги чини многу повеќе компаниите.

– Институтот не ги создава стандардите, туку на иницијатива на компаниите ги поврзува и им помага да го изработат стандардот – појасни Давчев.
Во изминатиот период се укинати 11.600 стандарди кои важеле во поранешна Југославија, но усвоени се нови над 20.000 еврпски стандарди.
Македонија, како што рече, има и пет национални стандарди и тие се однесуваат за тутунските производи, течните горива, гасоводните системи, пластиката… Давчев посочи дека во изработка се уште два стандарда кои се однесуваат на тутунската
и на авиоиндустријата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top