Вкупно 17 рудари се заробени длабоко под земја, во еден рудник за злато во Јужна Африка, што се наоѓа западно од Јоханесбург, откако во рудникот избувна пожар.
Инцидентот се случи доцна синоќа, на длабочина од 1.700 метри.
Претставник на рудникот „Дорнкоп“, кој е во сопственост на рударската компанија „Хармони Голд“ изјави денеска дека спасувачките екипи успеале да воспостават комуникација со осуммина од затрупаните рудари.
Тој рече дека очекува осуммината да бидат првите што ќе бидат извлечени на површината.
Екипите за спасување настојуваат да се пробијат до сите заробени рудари, но нивната работа е отежната поради густиот чад и одроните од камења.
Засега не е познато како дошло до пожар, затоа што постојат различни толкувања за инцидентот.
Според компанијата „Хармони Голд“ пожарот е последица на „извесни сеизмички активности“ што биле регистрирани длабоко под земјата.
Синдикатот на рударите на оваа земја, меѓутоа, соопшти дека пожарот бил предизвикан од уривање на потпорен ѕид во рудникот, кој предизвикал оштетување на електричните кабли, на системот за вентилација и на цевките за вода.
Рудникот „Дорнкоп“ се наоѓа во непосредна близина на Јоханесбург.
Рудникот важи за богато наоѓалиште на злато, но тоа се наоѓа на голема длабочина, поради што рударите секогаш се изложени на голем ризик.
Рударски несреќи се честа појава во Јужна Африка, иако властите и рударските компании инсистираат дека тие се случуваат, главно, во илегални и недоволно безбедни рудници.
Инцидентот во „Дорнкоп“ доаѓа во време кога рударите од рудниците за платина се во штрајк, барајќи поголема безбедност за рударите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Драматичен пресврт: Најдена дупка во пештерата, заробените деца би можеле да бидат спасени?
-
Надежта на заробените деца полека тоне, загина еден од спасувачите
-
Детали: Загинатите рудари се од Крива Паланка и Пробиштип
-
Двајца Македонци загинаа во рудникот „Леце“ во Србија, се задушиле од гасовите во јамата