| четврток, 6 декември 2018 |

На Французите за живот им се потребни 1.500 евра месечно

Граѓаните на Франција сметаат дека за живот во нивната земја минимално им се потребни 1.490 евра месечно, покажа анкетата на истражувачкиот институт БВА.

Оваа сума е зголемена поради инфлацијата за 75 евра во однос на резултатите од истата анкета во 2008 година, но главно варира во зависност од приходите на испитаниците и професионалното ангажирање, пренесува агенцијата АФП.

Така, раководниот кадар и слободните професии наведуваат дека за живот минимално се потребни 1.560 евра месечно, додека членовите на домаќинствата со пониски приходи сметаат дека се доволни 1.410 евра.

Оценката за неопходните минимални приходи зависи и од местото на живеење. Жителите на парискиот регион наведуваат дека им се потребни 1.620 евра, а граѓаните во општините со помалку од 20.000 жители значително помалку (1.430).

За споредба, според податоците на францускиот Национален институт за статистика ИНСЕЕ, просечната месечна заработувачка во 2011 година изнесувала 1.630 евра, што значи дека една половина од Французите заработувале повеќе од тој износ, а другата половина помалку.

Истата година, 8,7 милиони граѓани на Франција живееле со помалку од 977 евра месечно, што значи на граница на сиромаштијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top