Се сеќавате на не толку дамнешното барање на Европската унија за подобрување на медиумската култура во Република Македонија! Тоа беше нов израз, услов, или изум на Брисел, чијашто администрација срамежливо го соопшти како уште еден нов услов во низата критериуми за наше интегрирање во европското семејство. Во еден момент оваа кованица ги замисли сите тие што на каков било начин имаа допирни точки со медиумите, новинарството, или воопшто со комуникологијата и, секако, претпоставувам ја замисли и Владата на Република Македонија, која најнапред треба да го дешифрира овој поим, а дури потоа да бара решение за него или, како што велат од Брисел, да бара негово подобрување. Но, што, всушност, подразбираше Брисел под поимот медиумска култура, остана нејасно до ден денес бидејќи оттаму не пристигна никакво појаснување, ниту, пак, објаснување што треба да се направи за таа да се подобри. На оваа бриселска „приказна“ се сетив деновиве читајќи ги и гледајќи ги изјавите на одредени политичари во Република Македонија, кои, веројатно, несвесни за фактот дека, пред сѐ, се јавни личности, со невидена леснотија изговараа толку тешки зборови за противникот, што, навистина, претставува тешка „коска“ за голтање, дури и за нивните најжестоки поддржувачи или сопартијци.
Парламентарниот дом, како храм на демократијата на секоја земја, кај нас понекогаш навистина личи на ринг во кој противниците се „напаѓаат“ со најтешко оружје. И тоа воопшто не е спорно, доколку се работи за демократска дебата, во која секоја од, условно речено, двете страни се бори да надвладее со аргументи и со факти. Впрочем, демократијата тоа не само што го овозможува, туку истовремено и го бара за да прикаже проток на идеи и на размислувања. Но, проблемот настанува токму тогаш кога политичарите ќе заборават дека зборовите што ги изговараат од пратеничкото столче допираат до секој граѓанин на Република Македонија, или нивната изјава дадена пред медиумите се пренесува до секој гледач или слушател на телевизијата или на радиото. Веројатно не се свесни дека таа нивна невнимателност ја создава не само перцепцијата за нив како личности или политичари, туку ја создава и сликата за тоа што значи македонски политичар, кој е избран од страна на граѓаните за да ги брани или исполнува нивните права.
КОМУНИКАЦИЈАТА Е ОСНОВАТА ЗА РАБОТА
Токму затоа не ретко во Собранието на Република Македонија можеме да слушнеме толку навредливи зборови, што претставува срам да се повторат, а не, пак, да се замисли дека доаѓаат од устата на тие што ја кројат или сакаат да ја кројат македонската политика. Неколку пати сме биле сведоци и на физичка пресметка меѓу одредени политичари, кои во жестокоста решиле да ја надминат вербалната комуникација и да го активираат собраниското обезбедување. Тие слики остануваат врежани во главата на граѓаните, кои, пак, од сосем друг агол создаваат свое мислење за нивното однесување. Факт е дека никој не го оправдува однесувањето што предизвикува агресија, но истото може да предизвика лавина од реакции, кои одредена политичка партија, поради однесувањето на некој нејзин член, можат да ја спуштат на самото дното и да ја карактеризираат како политички субјект, во кој членовите се радикални и насилни. Тоа ќе значи целосно маргинализирање на политичката партија, особено во услови во кои радикализмот не зафаќа корен, како во Република Македонија, и нејзино натамошно исчезнување од политичката сцена.
За среќа, Република Македонија нема чисто националистички и радикални политички партии, но во секоја друга можат да се најдат одредени лица што несвесно, или, пак, можеби сосема свесно толку многу го спуштаат нивото на политичката култура, што понекогаш се чини како да се сретнале на пазар со своите колеги или, пак, на селска чешма. Забораваат дека секој нивни збор се мери и премерува од јавноста, а токму од тоа мерење зависи рејтингот на партијата и нивниот личен рејтинг како политичари, кои се избрани од страна на граѓаните. Не е спорно дека предизборната атмосфера ги вжештува сите сетила, особено тие на политичарите, кои паралелно водат битки на сите страни. Но, на сите нив треба да им биде јасно дека спуштањето на политичката култура на самото дно не говори само за нив како за луѓе и политичари, туку говори и за земјата во која работат и живеат и со чиешто однесување го градат нејзиниот имиџ.Токму затоа мораат да почнат да внимаваат на своето однесување. А како да го направат тоа? Најнапред треба да разберат дека секој нивни збор допира до секој граѓанин бидејќи им се обраќаат ним, а не на тие со кои во моментот имаат жестока расправија. Потоа да научат да ги одмеруваат зборовите и, секако, на крај да разберат дека политичкиот противник е само политички противник, а не крвен непријател со кој треба да се разговара како во времето на постоењето на крвната одмазда.
Едноставно, нашите политичари треба да научат дека комуникацијата е основата на нивниот начин на работа и токму на неа треба да полагаат најмногу сметка бидејќи токму од неа ќе зависи и културата во медиумите преку кои тие најчесто ја пренесуваат пораката или, пак го покажуваат своето (не)достојно однесување или говорење.Во комуникологијата важат повеќе правила, но едно од најглавните е изнаоѓањето начин за воспоставување врска за добра соработка, која треба да почива на неколку темели, меѓу кои и културата. Во медиумите, пак, златното правилото гласи почитување на правото на изразување, кое е темел на слободата и на правото на избор. Овие правила воопшто не претставуваат новина ниту за лицата вработени во медиумите, ниту, пак, за тие што се најзасегнати од нив, односно политичарите од власта или од опозицијата, сеедно. Единствената разлика што ја забележуваат е призмата низ која гледаат на медиумите додека практикуваат власт, или се наоѓаат во опозицијата. Многу често можеме да зебележиме реакција на одредени политичари, кои се незадоволни од нивното преставување на ТВ-екраните, и, се разбира, за тоа ги обвинуваат новинарите. Ваквото однесување на одредени политичари е плод на немоќта да се гледаат себеси како изговараат грди зборови за својот противник и оттаму се обидуваат да го најдат виновникот на некое друго место.
ТИМ ШТО ТРЕБА ДА ИЗГРАДИ УСПЕШЕН ПОЛИТИЧАР
Но, ако политичарите не се свесни за своето однесување во некои моменти, зошто за тоа не водат сметка лицата задолжени за оваа проблематика? Секоја сериозна политичка партија има свој тим за односи со јавноста, кој води сметка за многу работи, меѓу кои и за јавните настапи не само на својот лидер, туку и на другите политичари, кои со својата работа, изјави и однесување влијаат на имиџот на партијата, а со тоа, се разбира, на културата на политичкиот дијалог. Токму овој тим треба да им објасни на политичарите дека нивното однесување е огледало на состојбите во партијата, државата, но и на нивната лична култура, која се манифестира во подобрувањето или во влошувањето на политичката, а со тоа и на медиумската култура.
Европеизацијата подразбира градење култура во сите сегменти, вклучително и однесувањето. Тоа е процес што никогаш не завршува, дури и во тие држави што имаат високо развиена демократија и одамна се членки на Европската унија. Развивањето и подобрувањето на културата на однесувањето на политичарите зависи од напредокот што една држава ќе го направи во сите сегменти на своето политичко и економско опстојување. Тоа подразбира спроведување реформи што се дел од напредокот на секоја држава, односно на секоја што се обидува да биде во дослух со барањата на новиот век, или, пак со барањата на граѓаните што живеат во неа. Реформите не постојат само за државите што сакаат да бидат дел од Европската унија. Напротив, тие се составен дел од секоја европска владина агенда. Правниот, политичкиот и економскиот систем го дефинираат карактерот на една држава во која граѓанинот, и тој од политичкиот и тој од деловниот свет го почитува во форма на закон, но тоа што е особено важно во однесувањето на политичарот е градењето на формата низ која ќе комуницира со јавноста и, се разбира, со својот противник. Преставувањето на низок степен на политичка култура и дијалог говори и за степенот на развој на државата во која таа одредена личност е политичар.Конечно, културата ја градат сите граѓани. Еднакво и земјоделецот и министерот, професорот и студентот, лекарот и пациентот, судијата и обвинетиот, банкарот и бакалџијата, попот и грешникот. Сите тие ја градат сликата за државата.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст