Градоначалничката на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ, заедно со директорот на нижото музичко училиште, денеска свечено ги отвори дисперзираните паралелки на МБУЦ „Илија Николовски Луј“ во ОУ „Кузман Шапкарев“ во населба Драчево, каде што настава следат 30 ученици, во две групи. Првата паралелка брои 15 ученика од прво, второ и трето одделение, а во другата паралелка, настава следат ученици од четврто и петто одделение. Наставниот кадар што ја изведува наставата е од МБУЦ „Илија Николовски Луј“. Потребата за доближување на училиштето до учениците беше увидена од страна на Општината по извршената анкета и утврдувањето дека поголем број музички талентирани ученици од трите основни училишта на територијата на Драчево, патуваат повеќе од 12 километри во доцните попладневни часови до централното градско подрачје за да ја следи наставата по музичко образование. За да им се излезе во пресрет, да им се намалат трошоците и да не губат време во патување, за овие 30 ученици се обезбедени просторни услови во ОУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево.
Ова е четврта дисперзирана единица на МБУЦ „Илија Николовски Луј“, но е прва отворена по лично барање на градоначалничката на општина Кисела Вода. Ова е само почеток на соработката меѓу двете институции, беше нагласено на отворањето, а постои можност за отворање на уште вакви паралелки, посебно што по отворањето на паралелките во Драчево, се појави засилен интерес од страна на нови музички талентирани ученици од општина Кисела Вода. Дополнително, на лична иницијатива на Градоначалникот Беличанец-Алексиќ, Општината донираше музички инструменти за ова училиште, кои се потребни за одржување на наставата. За обезбедување на инструментите, со одлука на Советот, се изврши пренамена на средствата од буџетот, предвидени за репрезентација.
На настанот покрај директорот на МБУЦ „Илија Николовски Луј“, Јован Бицевски, присуствуваа и директорот на ОУ „Кузман Шапкарев“, Весна Настоска, директорот на „Св. Климент Охридски“, Анета Кузмановска, директорот на ЦОУ „Рајко Жинзифов“, Стефче Василевски, претставниците од Министерството за образование и наука, Мирјана Јордановска, помлад соработник во одделението за средно образование и Пенка Мантова-Здравковска, соработник во одделението за средно образование, како и професорот кој ќе работи со учениците, Илија Јаневски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.