| четврток, 6 декември 2018 |

Велика Британија ќе прими сириски бегалци

london

Владата на Велика Британија, во најскоро време, ќе им понуди дом и сместување на оние Сиријци на кои тоа им е најпотребно, изјави денеска во Лондон бритаскиот премиер Дејвид Камерон.

Во дебата во Долниот дом на Парламентот, премиерот Камерон рече дека први што ќе бидат префрлени од бегалските кампови во Велика Британија, оние кои биле изложени на сексуално насилство.

Претходно, заменик-премиерот Ник Клег во изјава за домашните медиуми наведе дека приоритет меѓу бегалците од сириската граѓанска војна ќе бидат оние кои биле изложени на тортура, постарите лица и немоќните, за кои натамошното останување во привремените бегалски кампови станува опасно за нивниот живот.
Владата во Лондон очекува бројот на бегалците кои ќе бидат примени, да изнесува „неколку стотици“ но засега нема навестување колкава ќе биде максималната бројка.

Претходно, Владата на Германија соопшти дека ќе прими десет илјади сириски бегалци, а Франција веќе прими 500 луѓе од бегалските кампови на Блискиот Исток.

Британскиот министер за внатрешни работи Тереза Меј изјави дека Сиријците ќе останат во земјата додека не се средат состојбите во нивната земја и додека не престане сегашното насилство.

Во Велика Британија сега има 3.500 Сиријци кои бараат политички азил. Дебата околу приемот на сириските бегалци, жртви на тамошната тригодишна војна, доаѓа во време на распалени страсти околу имиграцијата и влегувањето и вработувањето на имигрантите од посиромашнте земји-членки на ЕУ.

Конзервативците во коалициската британска влада, предводени од премиерот Камерон, покренаа силна антиевропска кампања, настојувајќи да го спречат слободното вработување на имигрантите од источноевропските земји и барајќи од Брисел да се ограничи нивниот достап до социјалните фондови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top