| четврток, 6 декември 2018 |

РФМ со соопштение до медиумите

rakomet euro 2014_1

Ракометната Федерација на Македонија би сакала да се заблагодари на македонската јавност за укажаниот интерес и поддршка, на медиумите кои неуморно и објективно нѐ следеа за време на целото првенство, на сите ракометни фанови (посебно на оние кои одвоија време и средства да дојдат да нѐ поддржат директно од скандинавските трибини), спонзорите за нивната несебична материјална и финансиска помош и на сите оние кои ѝ дадоа дополнителен мотив на македонската експедиција во Хернинг достоинствено да ги одбрани боите на Македонија. На единаесеттото Европско ракометно првенство кое се одржа во Данска, машката национална репрезентација заврши како десетто пласирана од шеснаесет репрезентации на овој континентален собир, втора ракометна репрезентација на Балканот. Го постигнавме она што пред шампионатот си го поставивме како наша основна задача: пласман меѓу дванаесетте најдобри во Европа, иако кај сите нас постоеше желба за постигнување на уште подобар резултат. Раководството на Македонската ракометна федерација се потруди во целост да ја исполни програмата на стручниот штаб за овој шампионат во поглед на условите за подготовки, тренинг, патување и сместување на репрезентативците, сѐ со цел играчите да бидат максимално фокусирани на играта и нивните перформанси. Жалиме што црна дамка на нашиот настап на овој шампионат оставија изјавите на одредени репрезентативци. Истите изјави ќе бидат тема за расправа на засебна седница на Дисциплинската комисија на РФМ. И покрај тоа што некому можеби не му се допаѓа, раководството на РФМ ќе остане доследно на ставот дека во Федерацијата мора да има почитување на хиерархијата и надлежностите, ред, дисциплина и напорна работа. Раководството на Федерацијата за време на својот мандат нема да отстапи од начинот на своето работење при кој секој професионалец и спортски работник ќе функционира во рамките на својот делокруг. Во претстојниов период на календарот на активности на РФМ за 2014 година стојат големи предизвици за кои е потребен сериозен и посветен ангажман, меѓу кои би ги споменале: квалификациите за ЕП на женскиот А-тим во месеците март и јуни со Русија и Германија; квалификации на машките младинци за ЕП во текот на месец април во организација на РФМ; баражот со Грција на машките сениори за пласман на СП2015 во Катар во јуни; земја-домаќин и организатор сме на женското светско кадетско првенство на крајот на јули и почетокот на август; машката кадетска репрезентација која за прв пат во историјата на македонскиот ракомет се пласираше на Европското кадетско првенство ке настапува во август во Полска, а во последниот квартал од годината ќе почнат и квалификациите за ЕП2016 за машката А-репрезентација итн. За ваквата напорна агенда потребна е одговорна организација, сериозна посветеност и работа и за која треба сите ние, чинителите на ракометниот спорт во Македонијада бидеме сплотени и апсолутно фокусирани да го дадеме својот максимум во рамките на своето делување во македонскиот спорт.
Нам како раководство, дадена ни е сериозна задача и доверба да го промовираме најпопуларниот македонски спорт, одговорност која носи огромна тежина и ќе се потрудиме тоа да го направиме на највисоко ниво, како вистински професионалци, градејќи уште поголем кредибилитет на овој спорт на национално и меѓународно ниво и доследно претставувајќи ја земјата чиј дрес гордо го носат квалитетни играчи со личен и професионален интегритет. Заеднички ќе се залагаме за секое достигнување, ќе го цениме и наградуваме секој резултат при тоа водејќи сметка за она најважното – квалитетот кој е единствениот параметар по кој ќе се водиме на сите нивоа на функционирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top