Најголемата државна медиумска компанија во Русија ВГТРК денеска соопшти дека ги отпушта вработените во цел еден сектор, поради тоа што на страницата на Фејсбук на компанијата поставиле фотографија од шефот на нацистичката пропаганда Јозеф Гебелс и го нарекле „голема личност“.
На Фејсбук страницата на ВГТРК, која контролира неколку национални канали, вчера беше објавена фотографија на Гебелс и беше цитирана едена негова изјава за Владимир Илич Ленин, во рамките на серијата „Големите луѓе за Ленин“, по повод одбележувањето на 90-годишнината од смртта на советскиот лидер.
– Им се извинуваме на нашите читатели поради објавување на неетичка содржина. Поради тоа соопштуваме дека денеска целиот наш маркетиншки тим за социјални медиуми ќе биде отпуштен, напиша денеска ВГТРК на својата Фејсбук страница.
ВГТРК е позната по прокремељското известување и има големо влијание на јавното мислење, па некои коментатори со чудење реагираа на објавувањето на фотографијата на Гебелс, која се совпадна со 70-годишнината од ослободување на Ленинград од нацистичката опсада, при што починаа најмалку 800.000 луѓе од глад, болести и студ.
Вчера изби уште еден скандал кога независниот телевизиски канал ТВ Раин спроведе телефонска анкета дали Ленинград требало да се предаде за да се спасат луѓето. ТВ Раин по реакцијата на постарите пратеници се извини со образложение дека немал намера да ги навреди ветераните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


