Првите пет од планираните 16 ветерници се поставени на предвидените локации во близина на Богданци. Почетокот на производствоto на електрична енергија од првиот државен ветерен парк во Македонија се очекува од април.
Од ЕЛЕМ најавуваат дека 16-те ветерници од Богданци ќе продуцираат струја за околу 15.000 домаќинства или вкупно 60.000 граѓани.
Ветерниот парк во Богданци ќе биде целосно вклучен во електроенергетскиот систем на Македонија откако ќе заврши поставувањето на сите ветерници, најавуваат од ЕЛЕМ.
Турбините се производство на Сименс – Данска. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2,3 MW, висината на столбот изнесува 84 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри, што беше причина за исклучително тешкиот транспорт во земјава.
Монтажата на ветерниците е во тек. Според динамиката и во зависност од временските услови, се очекува комплетната монтажа на сите ветерници да заврши до крајот на март, по што ветерниот парк во Богданци ќе биде вклучен во електроенергетскиот систем на земјава.
Годишното производство на паркот треба да достигне 100 гигават-часови ветерна енергија, што е 2 отсто од годишното производство на струја во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.