Освен Талевска и Латас, „Дневник“ пишува дека има уште дузина новинари во Македонија што на свое име имаат или имале регистрирано повеќе фирми и тоа на една адреса. Заборави ли портпаролот на СДСМ да ги наброи и Геровски, Kабранов, Борјан Јовановски, Менче Атанасова Точи, Драган Антоновски, Роберт Поповски…?
„Почитувани, медиумскиот скандал се шири.
Градски парк, Градски стадион ББ, Скопје, не е седиште само на телевизија „Сител“. Не е седиште само на семејната фирмата „Визарис МKД“ на Ивона Талевска, добитник на милионскиот тендер во здравството.
На Градски стадион ББ не може да се изброи колку и кои се` фирми постојат, колку се во фаза на бришење, а колку биле основани, па ликвидирани.
Сопственици на неколку фирми се или биле:
– главниот и одговорен уредник на телевизија ’Сител‘, еден од најголемите медиумски поддржувачи на власта и куќен пријател на Груевски, господинот Драган Павловиќ Латас и
– неговата соработничка и омилената уредничка на Никола Груевски, бизнисменка, Ивона Талевска.
Ова се официјални документи од Централниот регистар на Република Македонија.“
Вака портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, ја почна својата прес-конференција на 15 јануари, кога во контекст на аферата со Ивона Талевска, наведе дека таа и Драган Павловиќ-Латас имале безброј фирми на иста адреса. Едно е случајот со тендерот на Талевска, но тоа што таа и Латас имале и други фирми е проблем?
Што е спорно во тоа? Ништо, ама кога СДСМ и Шилегов ќе го исфилуваат тоа, станува сомнително се` и сешто.
Притоа Шилегов изгледа заборави да ги извади влошките од Централниот регистар каде што како сопственици, основачи или управители во повеќе компании се јавуваат и други новинари и уредници. И ги испушти во својата презентација, сеедно дали тие фирми се или не активни.
Фирми, невладини, медиуми и многу новинари
Така, порталот за вести „Плусинфо“, како проектна активност на здружение за граѓани, фирмата БГ ПРЕС за издавање публикации, и порталот „Мајка и дете“ како проектна активност на здружение на граѓани во Централниот регистар се водат под едно име: на новинарот Бранко Героски. Невладината организација што го реализира „Плусинфо“ е регистрирана на иста адреса со издавачката куќа (ул. 50. дивизија бр.15-1, Скопје ). Веб-страницата на „Плусинфо“ во „Марнет“ (македонската фирма за интернет-домејни во Македонија), пак, е регистрирана на иста адреса со порталот „Либертас“, кој го води Ацо Kабранов. Kабранов е и соосновач во невладината на Героски, со уште неколкумина новинари што работата на порталот, како и сопругата на Героски, Билјана Илиќ-Героска, главно задолжена за маркетингот. Што се однесува до нас, нека им е со среќа работата. Веројатно и Шилегов го мисли истото?
Kабранов, кој е соосновач во здружението на Героски, си има и своја фирма – Друштво за издаваштво, маркетинг и продукција „Глинка“ ДОО, со седиште на ул. Френклин Рузвелт бр.5/А лок. 6 – Скопје. Соосновач на Kабранов е Зоран Василевски (Фаци), кој е и управител на фирмата. Неговиот портал „Либертас“ работи како проект на неговата друга невладина организација со име „Либертас“, а има и трета невладина организација „Пролиберти“.
Борјан Јовановски се јавува како основач или овластено лице во неколку невладини организации и фирми. На пример, Шилегов веројатно не знае дека тој има фирма за филмска продукција „Еуровижн“, каде соосновач е неговата колешка Сашка Цветковска. ТВ „Нова“ – интернет-телевизијата се реализира преку „Видео веб-продукција“, чиј соосновач е колешката Билјана Секуловска. Јовановски е овластено лице и во угостителската фирма „Мом-Томче Софка“, а е поврзан и со фирмата за деловен менаџмент и консултативни активности „Балкански центар – Бизнис“. Тој фигурира и во Институтот за европски интеграции И.Е.И Скопје.
Менче Атанасова Точи, која работи за ТВ „Нова“ е поврзана со десетина фирми и со невладина организација, дел од нив се и „Римедикал“ – друштво за трговија и услуги, „Елите Софа“, „Фешн Форс“, „Акон Пајо“, Институтот „Ходници’, а и златарницата „Смарагд“.
Порталот „А1 он“ функционира преку фирмата „Онлајн медија“ ДООЕЛ, чиј основач и управител е Предраг Петровиќ.
Мери Јордановска е поврзана со три фирми (едната на име на татко и, а другата на мајка и, и како соосновач на „Еуровижн’ со Борјан Јовановски) и две невладини организации – „Цитедела“, здружение за истражувачко новинарство, и Асоцијација за правата на животните.
Драган Антоновски има Институт за мас-медиуми, едукација и комуникации фирма – „Порта ФМ“.
Политичари и новинари
Новинарката Оливера Трајковска и советничката на СДСМ во град Скопје и претседателка на градската организација на опозициската партија, Софија Kуновска, се бизнис-ортачки. Имено новинарката и политичарката имаат заедничка фирма, „Медиарт“ ДОО Скопје и тоа регистрирана уште во 2005 година. Управител на фирмата е Трајковска. Седиштето на фирмата е на улицата Христо Смирненски, бр. 54/2-24, во Скопје.
Роберт Поповски, кој сега работи како советник на лидерот на СДСМ Зоран Заев, има или имал телевизиска продукција „Инфинити плус“ и видеопродукција „С.С. Нова медиа“.
Пратеничката и поранешна новинарка на телевизија „А1“, Ленче Николовска, беше соосновачка во „А2-телевизија“, сега во стечај, преку Илин Николовски и Тони Николовски.
Пред десетина дена, кога СДСМ почна јавно да објавува податоци што се однесуваат на имотите и фирмите што ги поседуваат новинари, ги прашавме двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дали се подготвени да направат законски измени со кои имотот на новинарите би станал јавен. Анализата на досега објавените „афери“ покажа дека треба да се направат измени во законите за спречување на корупцијата и за судир на интереси (воведување еден вид анкетен лист), за акционерските друштва (да се објавуваат и најмалите акционери во друштвата кога тоа се новинари, и за лустрација (новинарите да подлежат на проверка за тоа дали се соработници на тајните служби).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.