| четврток, 6 декември 2018 |

Дени Илиев: Волкот, Жиру и Подолски не можеа да ми дадат гол на првиот тренинг во Арсенал

Дејан Илиев е големата македонска фудбалска надеж, а „занаетот“ го пече во една од најдобрите светски фудбалски Академии, во лондонски Арсенал. Во интервју за клупскиот сајт, 18-годишниот голман говори за исполнување на својот сон, за тренинзите со големите ѕвезди на „топчиите“, за Арсен Венгер, за интересот на Интер кога имал само 15 години и за уште многу други интересни работи.

„Кога пристигнав во Лондон, веднаш вториот ден бев на тренинг со првиот тим. Имав само 17 години и си велев, ова не е можно. Па овде сум само два дена, а веднаш ќе тренирам со Волкот, Жиру, Подолски… Војчех (Шчесни, н.з) и Лукаш (Фабијански, н.з.) беа многу пријателски расположени кон мене и многу ми помогнаа. Тргнав да си одам, откако заврши тренингот, но Волкот, Жиру, Подолски и Сања ме замолија да останам на голот за да тренираат слободни удари. Гледав во нив и не ми се веруваше. Па тие се големи ѕвезди, а јас штотуку пристигнав во Арсенал. Но, кога почнаа да шутираат се опуштив и ниту еднаш не ме совладаа. Се сеќавам дека почнаа со рацете да го покриваат лицето. Не веруваа дека не можат да му дадат гол на 17-годишно момче, кое е само два дена со тимот. Венгер беше позади голот и ја следеше ситуацијата, а јас бев горд, ми порасна самодовербата“, вели Илиев, во дел од мега-интервјуто за „www.arsenal.com“.

Тој веќе брани и во Лигата на шампионите, но во новото натпреварување, за тимови во кои настапуваат младинци до 19 години. Претходно скаутите на Интер го следеа како 15-годишно момче на мечот меѓу Македонија и Турција, па замина за Милано.

„Бев прогласен за играч на мечот и веднаш ме поканија од Интер да заминам на еднонеделна проба во Милано. Со тимот бев на еден турнир и без задоволни, но ме информираа дека не можат да ми понудат договор, поради одредени околности. Бев малку и разочаран, си помислив дека ја пропуштив големата животна шанса, но сега сум среќен во Арсенал“, вели Илиев.

iliev

Идол му е италијанската голманска икона Џиџи Буфон, вели дека посакува да остане долго во Арсенал, а сон му е што поскоро да дебитира на голот на „топчиите“ во Премиерлигата.

Комплетното интервју можете да го прочитате овде.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top