Собранието на Република Македонија со 69 гласа „за“, шест против и ниту еден воздржан на денешното продолжение на 82. седница ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик.
Измените и дополнувањата беа донесени со консензус од сите политички партии и на власт и во опозиција. Во преговорите со свои предлози не учествуваше само ДПА.
Министерот за правда, Блерим Беџети, образложувјаќи го предлогот, рече дека тој е важен како од аспект на зачленувањето на земјата во ЕУ и за трансперентност на изборниот процес.
– Со овие активности кои се преземаа во Министерството за правда, работната група и политичките партии освен исполнетите препораки од ОБСЕ/ОДИХР имаме и квалитетно решение кое ги исполнува стандардите на ЕУ да бидат изборите фер, демократски и транспарентни – рече Беџети додавајќи дека иако за секој изборен циклус досега Македонија добивала пофалби во насока на организирање коректни и демократски избори, сепак верува дека по ова усогласување и воспоставување прифатливи стандарди за сите транспарентноста ќе биде на потребното ниво.
Според него, решението нуди коректност за политичките партии, како за оние кои се на власт, така и за оние кои се во опозиција.
Во измените што претходно ги објавивме, Беџети како новини што се предлагаат спомена дека наместо невидливото мастило гласачите на денот на гласањето ќе се обележуваат дека гласале со видливо мастило кое ќе се избрише за 24 часа, исто така се менува и составот на избирачките одбори во дипломатско конзуларните претставништа каде претседателот на тој одбор се бира од дипломатите, а заменикот и членовите од редовите на администрацијата и партиите.
Предложените измени ги поздравија и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, ЛП, додека ДПА се изјасни дека ќе гласа против, а Ердоган Сарач од Движењето за национално единство на Tурците во Македонија се изјасни дека ќе биде воздржан.
Цветанка Иванова од СДСМ ја поздрави постигнатата усогласеност за изборниот законик, додавајќи дека ова е само усмен договор меѓу политичките партии, кој денеска ќе го претвориме во форма закон.
– Успеавме низ еден преговарачки процес, со аргументирана дебата и дискусија, да усогласиме голем број препораки од ОБСЕ/ОДИХР. Единствена препорака што не успеавме да ја усогласиме или за која не разговаравме и не ја отворивме во преговорите е препораката за гласањето на дијаспората. Наш заеднички договор е таа да се отвори во оној момент кога ќе имаме први парламентарни избори – истакна Иванова.
Додаде дека како партија очекуваат оваа усогласеност да се имплементира на првите наредни претседателски избори, а за отворените прашања остануваат отворени за натамошно усогласување.
Александар Спасеновски од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, го поздрави постигнатиот консензус околу овој предлог и потенцира дека ваквиот начин на постигнување согласност треба да стане пракса и да се применува и за други отворени прашања во земјата.
– Донесувањето на овие измени се чекор напред без разлика што Македонија и во минатото имаше позитивни мислења околу организирањето на изборите. Со постигнатиот договор Република Македонија оствари три цели. Ги надминуваме воочените слабости од страна на меѓународните организации, ја зголемуваме довербата меѓу политичките партии и се испраќа порака дека за одредени прашања постои и функционира политичкиот дијалог во РМ – рече Спасеновски.
Поддршка на предложените измени и дополнувања не даде ДПА. Беким Фазлиу посочи дека нема консензуален договор, оти договорот е едностран, иако во него учествуваше СДСМ и оти предлогот е антиалбански –
Консензуален договор е тогаш кога ќе има договор меѓу најголемите четири политички сили во земјата, затоа што и законот така го дефинира тоа. Се друго е само едностран договор – рече Фазалиу.
Предложените измени ги поздрави и ДУИ. – Ова е процес исклучително значаен за земјата. По еден долг период на преговори политичките партии успеаја да ги усогласат своите ставови и демонстрира дека имаат доволна политичка зрелост и доволна политичка одговорност и знае во битни моменти да процени како да ги води процесите – рече Ермира Мехмети.
Собранието со 69 гласа за, шест против и без воздржани го донесе и Законот за дополнување на Кривичниот законик по скратена постапка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.