| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Да продолжиме да ги почитуваме верските различности и религиозните посебности

ivanov i gruevski1

По повод големиот христијански празник Богојавление-Водици, претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници.

– Одбележувајќи го денот кога свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во водите на реката Јордан го славиме нашето духовно раѓање. Радувајќи се на Христовото крштевање и осветувајќи ги македонските води ја продолжуваме традицијата на нашите предци и ја потврдуваме вербата во вредностите на покајанието и прочистувањето, како и споделувањето на добрина и љубов, се вели во честитката.

Иванов во честитката истакнува дека Македонската православна црква, негувајќи ја традицијата, религиозните и културните посебности, ни дава верба за да ги издржиме секојдневните предизвици и искушенија, залагајќи се за почитување на верските и духовните вредности.

– Прочистувањето на човековата душа значи празнување на убавите мисли и дела, човекољубие и милосрдие. Симболиката на чистината ја зацврстува нашата верба да продолжиме да ги почитуваме верските различности и религиозните посебности според христијанските начела за мир, заедништво и слога, нагласува претседателот Иванов во честитката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top