| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши расправата за составот на Комисијата за лустрација

Собранието на Република Македонија денеска ја заврши расправата за новиот состав на Комисијата за верификација на фактите.

За член и претседател на Комисијата е предложен Томе Аџиев, кој и во изминатите три години беше на оваа позиција. За негов заменик се предлага Асан Лума и за членови Новица Велјановски, Предраг Димитровски, Ѓорѓи Малковски, Вецко Здравевски, Ристана Лалчевска, Шпенд Винца, Даут Даути, Цветанка Соколова Младеновска и Марија Зафировска.

– Целта на лустрацијата е да се извадат досиејата од минатото – истакна Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, со процесот треба да се даде можност луѓето да ја дознаат вистината зошто некои луѓе пателе, некои режисери и писатели напредувале, некои не…

Пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија истакна дека на Република Македонија ѝ треба лустрациска комисија и процес на лустрација, но не ваков кој, според него, предизвикува тешки поделби. Целта на Комисијата, како што рече, не е прочистување на историјата, туку на општествената свест и совест.

– Комисијата за лустрација не може да ја прочистува историјата, таа е случена и не може да се менува, само може различно да ја интерпретираат тие што се сметаат за победници – истакна Величковски, нагласувајќи дека е потребна ревизија на процесот и консензус за лустрација и оти неадекватното лустрирање е прашање на политичка неодговорност.

Низ процесот на лустрација не поминуваат само поединците, туку поминува целото општество, забележа Павле Трајанов од Демократскиот сојуз. Смета дека треба да се направи прочистување на лустрацијата, рехабилитација на жртвите и помирување.

– Процесот треба да биде насочен кон носители на високи државни, политички и партиски функции, бидејќи тие биле корисници на информациите од тајните служби и тие носеле одлуки кој ќе биде деградиран, кој ќе биде осуден, кој стрелан… – рече Трајановски.

Пратениците треба да продолжат со работа по редовната пауза

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top