
Двата терористички напада едноподруго што го потресоа Волгоград непосредно пред новогодишните празници наметнаа многу неодговорени прашања од типот зошто токму овој град стана цел на бунтовниците, кој стои зад нападите и кои се мотивите?
Милионскиот Волгоград, поранешен Сталинград, се смета за сообраќаен центар на јужниот дел на Русија, вклучувајќи ги Чеченија и другите провинции во Северен Кавказ со доминантно муслиманско население, регион што е многу нестабилен и каде што бунтовниците вршат терористички напади речиси секој ден. Градот е лоциран на 650 километри североисточно од Сочи, местото што по еден месец ќе биде центар на светот поради Зимските олимписки игри, а со тоа и привлечна цел на терористите од сите страни на светот. Руските истражни органи, анализирајќи ги деталите и сличностите на експлозивните направи и на шрапнелите употребени во нападите, дошле до сознанија што наведуваат дека нападите, најверојатно, се поврзани и се организирани од едно место. Претпоставката за поврзаноста можеше да се насети и пред првичните резултати од истрагата, но тоа што засега тешко може да се одгатне е заднината на нападите, односно кој стои зад нив и што сака да постигне?
Според дел од руските аналитичари, нападите врз Волгоград се, всушност, само диверзија за одвлекување на вниманието на јавноста и на безбедносните структури во Русија од можната главна цел – Сочи.
– Безбедносните сили сега ќе бидат принудени да размислуваат не само за безбедноста на главните руски градови, за Сочи и за инфраструктурата околу олимписките игри, туку и за другите помали места. Тоа е ефективна тактика за одвлекување внимание од местото каде што терористите го планираат следниот напад – смета Андреј Солдатов, уредник на информативниот руски сајт „Агентура“, специјализиран за тероризам и за разузнавање.
Мислењето на Солдатов може да се смета за издржано ако се земе предвид фактот дека двата напада веќе направија успешна диверзија со тоа што создадоа голема паника не само меѓу локалното население туку и во земјите што за еден месец ќе треба да испратат свои делегации на Олимписките игри.

Ова, сигурно, го знаат и руските безбедносни служби, чијашто главна цел е да откријат кој е толку моќен да си игра со силната Русија пред олку голем настан?
Во руските медиуми веќе се шпекулира дека последните терористички напади се дело на некои блискоисточни режими, кои имаат поддршка од САД, и се одговор на дипломатскиот успех на Москва во одвраќањето на Вашингтон од намерата за директна воена интервенција врз режимот на Башар ал Асад во Сирија.
Овие сомневања се поткрепуваат со информациите за тајна средба меѓу Путин и саудискиот принц Бандер за која се пишуваше уште лани летото. Шефот на разузнавањето на Саудиска Арабија, принцот Бандер бин Султан, според транскриптот од нивниот разговор, кој тогаш се рашири во јавноста, на средбата барал од рускиот претседател целосно да ја прекине поддршката на режимот на Асад во Сирија. За возврат, Саудијците му ветиле дека ниту еден терористички напад нема да ги наруши зимските олимписки игри во Сочи, кои треба да се почнат следниот месец, признавајќи дека ги имаат под контрола бунтовниците од Чеченија. Во исто време, Арапите понудиле „великодушна“ соработка во полето на енергетиката и ветиле заедничка стратегија со Русија за поддршка на цените на нафтата.
– Можам да ви гарантирам дека ќе ги заштитиме Зимските олимписки игри што ќе се одржат во Сочи. Чеченските групи што ја загрозуваат безбедноста на Игрите се под наша контрола – рекол принцот Бандер.
Токму тврдењата на принцот дека Саудијците ги држат под контрола терористите од Северен Кавказ поттикна сомневања во руската јавност дека за последните терористички напади во Волгоград зелено светло дала Саудиска Арабија (со или без поддршка на ЦИА), во знак на одмазда за случувањата околу Сирија.
Рускиот претседател не само што ја одбил понудата, туку поддршката на Саудијците на руските исламисти ја оценил како „неприфатлива“ и најавил „голем воен удар“ врз терористичките кампови во земјата. Некои руски аналитичари зборовите на Путин ги толкуваат и како закана за воена интервенција против Саудиска Арабија.
Колкав е гневот кај Путин кон саудиските власти говорат и информациите од тајниот документ на руската федерална служба. Во документот пишуван од директорот на службата, Александар Бортников, во кој се подвлекува дека новите безбедносни мерки што се воведуваат во Русија се по наредба на претседателот, се изразува и загриженост за заканата на Путин искажана во „афект“ дека ќе ја „уништи“ Саудиска Арабија и за обвинувањето на Ријад за ужасните злосторства во Волгоград. Неговите закани следувале по потврдените информации на руската тајна служба дека терористот осомничен за нападот на тролејбусот, индентификуван како Павел Печионкин (32), поранешен болничар, во текот на 2013 година престојувал во Сирија на територија контролирана од вахабисти и од такфири, кои се поддржани и финансирани од Саудиска Арабија. Печионкин е еден од четиристотините руски исламисти, најголем дел од Северен Кавказ, за кои руските служби имаат информации дека во моментов се борат на страната на бунтовниците во Сирија. Кремљ претходно изрази загриженост дека по нивното враќање во Русија значително ќе се зголеми опасноста од терористички напади.
Путин не само што ја одбил понудата, туку и се заканил дека доколу САД ја нападнат Сирија, тој ќе нареди напад врз Саудиска Арабија. Овие закани, според аналитичарите, сѐ уште се отворени, а со оглед на тоа дека Саудијците посакуваат одмазда не само кон Русија туку и кон САД, поради чувството на изневереност од својот сојузник, желбата на Путин за целосно уништување на оваа земја може да се случи многу побрзо од очекувањата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


