Мистериозноста на посетата на Брисел ја растурија македонските медиуми. Социјалдемократите мудро ја криеја посетата по покана на Филе, но некој ги осуети. Се снајдоа и пуштија соопштение, иако подоцна од Европската комисија. Вториот ден решија да одиграат на сигурно, затоа и поминаа часови пред да дадат каква било информација за разговорот со Филе. Издржаа „машки“ неколку часа, но проблемот настана кога лиферуваното од Бихаќка се спореди со соопштеното од Брисел. Разликите беа големи, небаре веста ја правеле двајца сосема различни доктори за извртување од македонски спротиставени партии. Проблемот е што ЕК не е македонска партија, ниту Брисел е познат по такви дејства.
Мистериозен молк цели пет часа по средбата
Еден од најважните фактори во пласирањето на веста е времето. Овој пат СДСМ чекаше цели пет часа од разговорот во ЕК до конечното објавување на соопштението за средбата меѓу Заев и Филе. Очигледно, било потребно многу време за лидерот и неговата заменичка да ги средат своите импресии од разговорот со еврокомесарот и да ѝ соопштат на македонската јавност за што се зборувало. Обидите на новинарите на два до три часа по средбата да контактираат со Заев завршија со СМС: „Не сум во земјава, ќе ве барам подоцна“. А сите знаеја дека тој не е во Македонија, туку во Белгија?! На повратната СМС дека го бараат за средбата со Филе, Заев одговори кратко и јасно дека нема да има изјави и ќе следува партиско соопштение. Зошто лидерот не сакаше да даде барем телефонска изјава за заинтересираните медиуми? Следуваше одбивањето на двоецот од Бихаќка да даде изјава за дописникот на Македонската информативна агенција (МИА) од Брисел, единствениот сервис од ваков вид кај нас. И покрај сите обиди, заштитниците на новинарите, кои како тема пред Филе ја наметнаа и слободата на медиумите, одбија да дадат изјава за истите тие македонски медиуми. И според најавеното, следуваше чисто, преработено партиско соопштение за случувањата, ама многу поинакво од тоа на Брисел…

Заев тврди едно, Филе нагласува друго…
Ако ја погледнете приказната на СДСМ за случувањата во седиштето на Унијата, ќе добиете впечаток дека на средбата меѓу Филе и Заев, која не беше тет а тет само поради основаниот страв на новиот лидер да биде сам, главна тема биле Изборниот законик и разграничувањето на партијата од државата?! Овде се нагласува и стравот од предвремени парламентарни избори. Ова е основната слика за средбата што може да се добие од соопштението од Бихаќка.
Доколку го погледнете известувањето од канцеларијата на Филе, пак, приказната е сосема поинаква. Кај него главните моменти што ги нагласува СДСМ се на маргините, буквално на крајот на соопштението. Кај Филе прва и основна е потребата од подобрување на политичкиот дискурс во земјата и важноста од национален консензус за заедничката цел – интеграција на земјата. Ова тој му го пренел на Заев. Кога се работи за средба со лидер на опозицијата, и ова е кажано по неа, а за дискурс или разговор се потребни минимум двајца, јасно е до кого е пораката и кој треба да работи на своето политичко однесување. Втора работа е националниот консензус за ЕУ. Зошто некој треба да ви го нагласи ова доколку нема многу сериозна потреба од консензус?
Следната работа паѓа директно врз плеќите на опозицијата. Се вика спроведување на Мартовскиот договор. Единствената реченица во директен говор пренесена од Филе е следнава: „Кога ќе се спроведе политичкиот договор од 1 март, Комисијата ќе биде подготвена да го поддржи реформскиот процес преку пристапниот дијалог на високо ниво, а властите ги охрабрувам да останат посветени на спроведувањето на реформите и да продолжат со подобрување на добрососедските односи“. Сето ова со акцент во соопштението на ЕК дека Филе го нагласил кажаното.
И покрај тоа што спроведувањето на договорот се наметна како нов услов, посебната тежина на реченицата ја дава фактот што токму Филе е творецот на Мартовскиот договор, а вистинскиот проблем е што овој факт што се нагласува во напишаното од ЕК воопшто го нема кај СДСМ, како да не се зборувало за тоа. Можеби не ја разбрале пораката на еврокомесарот. А, можеби, тоа било и основната причина за средбата…
Кои идеи може да ги дадат Заев и Шекеринска?
Никовски: Тешко може да се каже што точно предлагале нашите претставници во Брисел на средбата со Филе, меѓутоа од тоа што го знаеме, од тие работи што горе-долу се прецизни во врска со ставовите на социјалдемократите за овој проблем, мислам дека треба да има сериозна загриженост. На пример, тие, според тоа како јас ги разбирам, сметаат дека можеме да ја менуваме референцата за трајно име за меѓународно користење. Тоа е погубна солуција, погубно решение, кое, во суштината значи ерга омнес само на рати, односно на етапи. Каква било наша согласност за промена на името на државата, за каква било употреба, значи капитулација. Да не заборавиме дека во моментот кога ние би прифатиле едно такво решение, кое ни го сугерираат, пред сè, Американците: Еве ќе ја смениме референцата, ќе ве ослободиме од неа, но вие ќе дадете согласност за трајно име, од тој момент единствени Македонци за светот ќе бидат тие два и пол милиона измислени во Грција. Сите придавки, именки и глаголи, исто така, ќе бидат грчки. Македонски, македонска, македонско: и јазик и историја и култура и сè… и производи. Според тоа, ако размислувањата и во Брисел и на нашата опозиција биле на таква основа, тоа е голема грешка и мислам дека ќе има тешки последици.
СДСМ постојано вели дека Владата води тајна дипломатија во преговорите за името, а сега го прави токму тоа за што обвинува. Како го објаснувате ова?
Никовски: Во принцип, вакви проблеми не се решаваат со јавна дипломатија, туку е нужно и неизбежно таа да биде тајна и под маса, што сè додека не се најде некое решение што ќе биде прифатливо и кое ќе може да се стави на маса. Да не заборавиме дека проблемот еволуираше со Американците, кои бараа од нас дебата, јавна дебата, и тоа во неколку наврати. Тоа ни го повтори и Рикер, ни го повтори и Волерс и Ахмети го прифати тоа… Нимиц при последната посета на Македонија, де факто, ги отвори картите, што е апсолутно надвор од неговиот мандат, и ја отвори таа дебата. Мислам дека тоа не ѝ одговара на Македонија, напротив, тоа би било само обид да се подготви народот за капитулација. Значи, од таа гледна точка, тоа што опозицијата не објавува никакви елементи може да се смета за позитивно. Иако, бидејќи се работи за суштинско и клучно прашање за државата, ако немаат каква било координација со власта, со другите политички фактори во земјата, тоа е неприфатлив начин на приод, односно на разговори во Брисел.
Филе бара прекин на бојкотот на работната група
Кога сме кај Мартовскиот договор, досегашните резултати се јасни. Декларацијата за интеграциите во ЕУ е потпишана, опозицијата се врати во парламентот, го прекина и бојкотот на изборите, а новиот бојкот на Божик не беше во договореното, ниту беше очекуван. Сепак, најважен дел од Мартовскиот договор е работната група за настаните од 24 декември, чијашто работа постојано ја опструира токму СДСМ. Прво проблемот беше во изборот на претседателот, кој требаше да биде од нивните редови, за потоа и тој да си даде оставка, иако една недела пред тоа изјави дека се при крај со заклучоците. Потоа имаше нови страсти и расправии за некако да се продолжи со работата. Така сѐ до најновиот бојкот на нејзината работа во септември 2013 година, кога како причина се наведе апсењето на Мирослав Шиповиќ. И така веќе четири месеци работната група е бојкотирана и не функционира… А нејзината важност е нагласена и во извештајот на Европската комисија и во заклучоците на Европскиот совет.
Телото требаше да донесе заклучоци за тоа што, навистина, се случило на 24 декември и да даде препораки со кои ќе се спречи повторувањето на ваквите настани во иднина. Вака, пак, главната поента на Мартовскиот договор останува нефункционална, а неговиот творец без поени од сработеното. Можеби Филе и не го боли толку разнишаниот кредибилитет на Европскиот совет, кој и по пет препораки на ЕК не ѝ дава датум за преговори на Македонија, поверојатно го боли фактот што воопшто не функционира тоа што тој го создаде во март. Еврокомесарот, кој пред средбата на лидерите на ЕУ во декември 2013 година емотивно и јавно побара насоки за Македонија и државите-членки да кажат што планираат со државата, веројатно нема потреба од внатрепартиски проблеми, кои само му ги отежнуваат работата и целта.
Нагласувањето на Филе и на ЕК на потребата од спроведување на Мартовскиот договор е јасен показател за мотивите на поканата. Исчезнувањето, пак, на Мартовскиот договор од соопштението на СДСМ е уште еден факт за ваквите тврдења.
Повикан сам, а заминаа двајца
Информациите на „Република“ од Брисел посочуваат дека лидерот на СДСМ бил повикан да дојде сам кај еврокомесарот Филе во Брисел. Поканата не го содржела името на Шекеринска. Сепак, несигурен на полето на евроинтеграциите, Заев побарал присуство на потпретседателката, како поранешна шефица на овој сектор во Владата на СДСМ. Таа не можела да го одбие лидерот, ниту, пак, ЕК можела да го одбие барањето за нејзино присуство, а во многу работи таа „помогнала“ и да нема изјави по средбата со еврокомесарот. Поводот за ваквиот чекор, освен потребното време за обработка на информациите од средбата со Филе, нагласувањето на потребните и намалување на минимум на тие за Мартовскиот договор како услов, и исчезнување на дел од разговорот, биле неколкуте последни интервјуа на Заев за МТВ, „24 вести“ и за „Алсат“, по кои долго се раскажуваа неговите гафови…
„Стар“ рецепт на СДСМ за решение на спорот со Грција
Тоа што најмногу го вчудовиде македонскиот аудиториум е реченицата од соопштението на Заев според која тој му предочил на Филе не едно, туку неколку решенија за спорот за името со Грција. Проблемот за кој поголемиот дел од граѓаните во државата сметаат дека е нерешлив, истовремено и клучен сегмент во петгодишната блокада на македонските интеграции во ЕУ, а за НАТО влегуваме во шестата година, очигледно не е толку тешко да се реши на Бихаќка, каде што по фиоките се кријат еден куп решенија… „Нотиравме неколку идеи како би можело да се случи тоа за, секако, да конвергираме до конечната цел, да се најде решение. Но, секако, очекуваме дека тоа што зависи од Република Македонија, пред сè од нас како политички партии од власта, секако и од опозицијата, ќе биде решено и надминато“, се вели во соопштението на лидерот на СДСМ. Многумина во зборовите на Заев го препознаа вокабуларот на Шекеринска, која остана позната по кажаното дека проблемот со Грција може да го реши за шест месеци. Го прифати ли Заев рокот на потпретседателката, чиешто антинационално интервју за „Евроактив“ во 2013 година мораше да го побие со новиот наплив на патриотизам за името, кој беше несвојствен за него во 2008 година. Основното прашање е зошто, доколку има толку многу решенија за жешкиот проблем со името, Заев не ѝ ги соопшти на македонската јавност?
Професорката Тања Каракамишева смета дека оваа двојна политика е сè поочигледна и за македонските граѓани, кои можат да проценат што е политичка реалност, а што проѕирна приказна, која не може да помине ниту на пазар, а не, пак, во ЕУ.
– За среќа, господинот Филе е добро запознаен со политичките случувања во РМ, многу добро знае каде се запираат процесите, кои се наметнати како домашна задача на државата, многу добро знае што е судски процес каде што постои докажан криминал, а што политичко алиби за неспроведување преземени и договорени обврски, и многу добро му е позната политиката на класични поткажувачи во основно училиште, кои за да му се додворат на класниот раководител и за само тие да добијат петка, ќе ги погазат интересите на сите свои соученици. Ова однесување не може да ѝ се припише на ниту една зрела опозиција бидејќи во него нема трошка конструктивност и сериозност. Ако господинот Заев, како лидер на СДСМ, има идеи за тоа како да се придвижат европските интегративни процеси во земјава, нормално е и логично да се очекува ако веќе не сака со власта, прво да ги сподели со македонската јавност за да види какво е нејзиното мислење, па потоа да оди во Брисел и да бара европска поддршка – вели Каракамишева.
Требаше ли посетата да остане скришна?
Можеби, доколку не беше осуетена намерата, во Македонија немаше ниту да зборуваме за средбата на Заев и на Шекеринска со Филе. Еден ден пред заминувањето во Брисел, никој не ни знаеше за поканата на еврокомесарот. СДСМ мудро молчеше за патувањето на челниците. Веста први ја објавија интернет-порталите, но не „нивните“, кои во понеделникот рано наутро почнаа со информацијата дека Заев со потпретседателката оди на т.н. рапорт во Брисел, но не и кај кого. СДСМ не реагираше. Потоа дојде веста на МИА, од истиот новинар кому Заев и Шекеринска во вторникот одбија да му дадат изјава во Брисел, во која портпаролот на Филе, Петар Стано, на официјалното информирање на новинарите во Европската комисија му потврди дека Филе утредента се сретнува со Заев. Пресот беше точно напладне, а по ова на Бихаќка мораа да реагираат со кусо соопштение дека ќе има средба, но, сепак, директно Брисел ја потврди веста. Проблемот беше што реагираа цели два часа по прес-конференцијата во Брисел. На тврдењата за „рапорт“ во Брисел, откако стана јасно дека, сепак, одат таму – реагираа по цели шест часа. Логичното прашање е дали постоеше намера за затскривање на средбата, или пак, за „бомбастично“ изненадување на македонската јавност со нивната средба со Филе. Има многу толкувања, но игнорирањето на новинарите во Брисел и на тие од Македонија, реакцијата со штуро соопштение што доцнеше неколку часа и недостигот од клучните факти нагласени во дописот на Филе, зборуваат сами за себе…
Пишува: Љупчо Цветановски
Фото: Република
(Текст објавен во 71. број на неделникот Република, 10.01.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Брегу: Проширувањето на ЕУ и поврзувањето на Западен Балкан се поврзани процеси
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји
-
„Тајна вечера“ на лидерите на ЕУ, без Тереза Меј



Кои идеи може да ги дадат Заев и Шекеринска?
Професорката Тања Каракамишева смета дека оваа двојна политика е сè поочигледна и за македонските граѓани, кои можат да проценат што е политичка реалност, а што проѕирна приказна, која не може да помине ниту на пазар, а не, пак, во ЕУ.