В сабота со поставување на камен-темелник ќе почне изградбата на новиот објект на Турскиот театар. Театарот ќе биде лоциран во близина на Железничката станица, на локацијата на поранешното балетско училиште, а во претстојниот период со подобрувањето на временските услови треба да стартуваат градежните активности.
Првичната финансиска конструкција изнесува околу 245 милиони денари или околу 4 милиони евра. Покрај учеството на македонската Влада, во собирањето средства за реализацијата на овој проект, се очекува да учествуваат и фондации и официјални институции од Турција.
Во согласност со деталниот урбанистички план за Ново Маало во чии рамки спаѓа предвидената градба, новата театарска зграда може да достигне висина од 24 метри, а ќе се гради на парцела со големина од 7.061 метар квадратен.
Објектот ќе има приземје и пет ката, а ќе се простира на површина од 19.771 метар квадратен, од кои 51% ќе биде наменет за двете театарски сали, соблекувалните на уметниците и канцелариите на администрацијата. Големата сала ќе има капацитет од 329 седишта, додека малата сала ќе може да прими 140 љубители на театарската уметност.
Идејното решение за објектот го изработиле архитектите Виктор Михајлов и Александар Наумчески. Во склоп на театарот ќе има галерија, книжарница и ресторан, но исто така дел од површината во урбанистичкиот план е предвидена за големи трговски единици и деловен простор како компатибилни класи на намена. Замислата за изградба на нов објект за Турскиот театар датира уште од пред седум години, а реализацијата на проектот во неколку наврати беше одложувано.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.