| четврток, 6 декември 2018 |

Белорусија загуби уверливо од Шведска, Рутенка со 13 гола го урна рекордот на Лазаров

Белорусија загуби уверливо од Шведска со 22-30 и го претрпе вториот пораз во Д групата, а за утеха од вечерва Сергеј Рутенка има најмногу постигнати голови на еден меч, точно 13, со што го урна рекордот во Данска на Кирил Лазаров. Капитенот на македонската репрезентација, вчера против Чешка постигна 12 погодоци, најмногу до тој момент на еден меч на ова Европско првенство.

Вистински куриозитет е што неговиот соиграч од Барселона Рутенка сам им даде 13 гола на Швеѓаните, а сите останати белоруски ракометари постигнаа помалку голови од него, само 9. Шведска со две победи веќе е во втората фаза, заедно со Хрватска која го доби балканското дерби против Црна Гора со 27-22. Белорусија и Црна Гора во последното коло ќе одлучуваат за третиот патник од Д групата во следниот круг.

Во драматичен финиш со голот на Игор Аниќ на 19 секунди до крај, Франција ја победи Полска со 28-27 и со 4 бода е сигурен учесник во втората фаза од ЕП. И третиот ас на Барселона, Никола Карабатиќ одигра извонредно и со 8 погодоци беше најефикасен кај „триколорите“ кои имаат две победи во Ц групата.

Претходно во меч од истата група Русија ја победи Србија со 27-25 и остана во игра за настап во завршницата. Павел Атман од Металург и новиот играч на Вардар Горбох одиграа извонредно и со по 4 гола беа меѓу најефикасните на мечот. За Србија послабо од вообиаченото бранеа голманите на Металург, Дарко Станиќ и вардаровиот чувар на мрежата Страхиња Милиќ. Пикерот на Србија, Алем Тоскиќ кој настапува за Вардар постигна еден гол. Двете селекции се во игра за пласман понатаму, а се на делба на втората позиција со по два бода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top