Првата меѓувладина конференција меѓу Србија и ЕУ, со која официјално почнуваат преговорите за членство, ќе се одржи на 21 јануари во Брисел, јави Танјуг.
Србија ќе биде претставена од премиерот Ивица Дачиќ и вицепремиерот Александар Вучиќ, еврокомесарот за проширување Штефан Филе ќе ја претставува ЕК, а претседател на конференцијата ќе биде министерот за надворешни работи на Грција, која е актуелен претседавач со ЕУ.
– Нашите тимови се формирани и сериозно се подготвуваат за преговорите, рече претходно Дачиќ, додавајќи дека на првата прес-конференција ЕК и Србија ќе ги претстават своите преговарачки рамки, а потоа такви конференции ќе бидат одржувани четири пати годишно.
Дачиќ истакна дека Србија веќе го започнала скринингот и уште во наредните денови се очекува отворањето на поглавјето 35, во кое се групирани прашањата за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Според српскиот премиер, дијалогот со Приштина е главен политички критериум што ќе влијае врз текот на преговорите со Брисел.
– Дојдовме до крајот на еден тежок почеток. Нашата земја сака процесот на присоединување да не биде само брз, туку и квалитетен додаде Дачиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


