| четврток, 6 декември 2018 |

И професионалните војници задоволни од одлуката на Владата

Првите луѓе на Министерството за одбрана денес остварија средба со синдикалните претставници на која разговараа за новото законско решение со кое на професионалните војници им се решава статусот по завршувањето на работата во Армијата.

Владината мерка за решавање на статусот на професионалните војници по навршување на 45 години возраст позитивно ќе влијае врз борбената готовност на АРМ, но и врз квалитетот на извршување на задачите, заеднички
констатираа на денешната средба министерот за одбрана и неговиот заменик, Талат Џафери и Емил Димитриев, државниот секретар Сашо Стефановски и претставниците на Синдикатот за одбрана и безбедност и Независниот синдикат во одбрана.

Генералниот секретар на Синдикатот на одбрана и безбедност, Ацо Спасовски, ја поддржа и поздрави владината одлука за нивно вработување по 45 години.

-Ја поздравуваме ваквата одлука, како и решението до крајот на месецот да биде донесено законското решение за околу 3.700 професионални војници. Оваа одлука ни ја зголемува мотивираноста за над 100% бидејќи сите професионални војници сега ќе знаат дека статусот им е решен – нагласи Спасовски.

Позитивни зборови за предложениот закон од Владата искажаа и од независниот синдикат на одбраната, кој е втор по големина.

-Ваквото законско решение со кое по 45 години професионалните војници ќе бидат вработени во државните служби позитивно влијае пред се на професионалноста на војниците и во процесот на завршување на бараните борбени задачи – истакна претседателот на независниот синдикат Ванчо Исаев.

Заменик-министерот Емил Димитриев, нарекувјаќи ја оваа мерка историска за МО и за професионалните војници, посочи оти содржи две димензии. Првата е општочовечката затоа што, истакна, приоритет на професионалните војници е егзистенционалната сигурност лична и на своето семејство. Втората е професионалната димензија бидејќи ќе важи за тие што ќе наполнат 45 години, а тоа, оцени, е најдобар мотив квалитетно да се извршуваат задачите, да бидат максимално дисциплинирани, но и најдобро физички подготвени.

– Не постои подобар мотив од тоа да се биде максимално професионален во извршувањето
на своите задачи – рече заменик-министерот за одбрана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top