Русија протера американски новинар, што претставува прв ваков случај по завршувањето на Студената војна, објaви во своето денешно издание британскиот весник „Гардијан“.
Дејвид Сатар, поранешен дописник на британскиот весник „Фајненшел тајмс“ и автор на три добро прифатени книги за Русија и Советскиот Сојуз, на Божик бил инфомиран дека му е воведена забрана за престој во земјата.
Сатар, кој од септември минатата година престојувал во Москва, во декември отпатувал до украинскиот главен град Киев за да ја обнови својата виза, но руски дипломат му прочитал претходно подготвено соопштение дека „надлежните органи одлучиле дека неговото присуство на територијата на Руската Федерација е непосакувано“. – Забрането Ви е да влегувате во Русија, стоело во соопштението.
Според „Гардијан“, терминот „надлежни органи“ се однесува на насленикот на КГБ, моќната агенција за внатрешна шпионажа и контраразузнавање – Федералната служба за безбедност (ФСБ).
Амбасадорот на САД во Москва, Мајкл Макфол го поставил прашањето за протерувањето на Дејвид Сатар пред рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Американската Амбасада излегла со дипломатски протест и побарала објаснување, на што руските власти одбиле да одговорат.
„Гардијан“ протерувањето на Сатар го оцени како изненадувачко. Тоа доаѓа неколку недели откако рускиот претседател амнестира неколку познати политички затвореници, меѓу кои и поранешниот олигарх Михаил Ходорковски, 30 активисти на меѓународната организација „Гринпис“ и двете членки на руската панк група „Пуси рајот“. Овој потег беше масовно доживеан како обид за подобрување на имиџот на Русија во предвечерието на Зимските олимписки игри во Сочи следниот месец.
Сатар (66) од Лондон преку „Гардијан“ побара итно повлекување на неговата забрана за престој во Русија. Тој изјави дека не знае зошто бил протеран од земјата, но претпоставува дека решението на ФСБ може да е поврзано со неговите материјали за експлозиите во станбените згради во Москва и два други руски града во 1999 година, во кои беа убиени над 300 лица.
Рускиот претседател Владимир Путин за експлозиите ги обвини терористите од Чеченија и ги искористи како оправдување на втората војна во оваа руска кавкаска република.
Според Сатар, меѓутоа, можно е експлозиите да биле дел од тајна операција на ФСБ, чија цел била да ја зголеми популарноста на Путин и да му обезбеди избор за претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


