| четврток, 6 декември 2018 |

(Видео) Тодоров: Ниту комисијата, ниту јас имаме судир на интерес со компанијата со која имаме договор

nikola_todorov_presЈас да сум склучил договор со некој со кој имам конфликт на интерес, да сум дал тендер на некој кој е директно поврзан со мене, како брат, братучед, татко, јас без размислување дента ќе си поднесев оставка- вели министерот за здравство Никола Тодоров во интервју за Канал 5.

Тодоров реагираше на обвинувањата од опозицијата за склучениот договор со фирма наводно блиска до новинарката Ивона Талеска. За Тодоров е неетички чекорот направен по целата постапка.

-Распишавме меѓународен тендер на кој имаат учествувано голем број на компании од Македонија и од странство. На јавната аукција учествуваа две компании. На едната од нив управител е извесен Марко Петровиќ, а тоа е компанија со еден сопственик. Така е поднесена понудата, така е организирана електронската аукција и така е склучен договорот. Со компанија каде основач и директор е едно лице. Промената е направена по 6 месеци. Тогаш во сопственичката структура е влезена друга личност, тоа е она што јас го карактеризирав како неетички- објаснува Тодоров.

За Тодоров ова е хајка организирана против него во момент кога спроведува постапки и активности кои нанесуваат директна штета на мал број на компании кои биле учени голем број на години да стопанисуваат, а сега тие им се скратуваат, нема да се купуваат скапи филмови, реагенси…

-СДСМ сака да направи една паралела меѓу скандалот на нивниот претседател, Зоран Заев и тендерите кои ги давал на свои блиски и оваа ситуација, со овој тендер. Нема тука паралела. Јас не сум дал тендер на мој татко, брат, братучед, снаа како што тоа го правел Заев. Јас не сум знаел, ниту можам да знам дека после 6 месеци, ќе има промена на структурата и еден дел од таа компанија, ќе ја купи друго лице- истакна Тодоров.

Нема никаков судир на интереси, вели Тодоров, а за своите постапки секој треба да си одговара.

-Секој одговара за сопствените постапки, јас одговарам за своите. Тоа е дека сум склучил договор во една законска процедура , со фирма која има еден сопственик и основач со кој што немам апсолутно никаква врска. Во законот за јавни набавки е превидено дека пред склучување на договорот и отпочнување на постапката се дава изјава за судир на интереси. Ниту некој од комисијата, ниту јас имаме некаков судир на интерес со компанијата која учествувала на тендерот  и со која имаме склучено договор- посочува министерот Тодоров.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top