| четврток, 6 декември 2018 |

Владата вложи повеќе од милијарда евра во инфраструктурата

груевски

Повеќе од една милијарда евра се вложени во инфраструктурата изминативе неколку години. И покрај кризата, состојбата во регионот, македонската влада прави крупна инвестиција во инфраструктурата, незапамтена досега.

Премиерот Никола Груевски се обрати на одбележувањето на јубилејот 45 години од формирање на Друштвото за патишта на Република Македонија, каде што посочи дека изминативе години се вкрстија заложбите за инвестирање во инфраструктурата од што корист имаат сите.

Градежништвото е главен двигател во македонската економија, а отвора и нови работни места преку владините услови – патиштата ќе ги градат фирми кои ќе ангажираат минимум 51 процент македонски работници.

Груевски посочи дека од 2006 до 2013 година се изградени, реконструирани или рехабилитирани преку 1000 километри патишта. Се реконструирани и изградени 469 километри автопати во вредност од 92 милиони евра, како и 302 локални патни правци, со должина од 586 километри чија изградба и реконструкција чини 45 милиони евра. За оваа и следните години тој најави крупни инвестиции во инфраструктурата низ цела Македонија.

– Во 2013 година почнаа проекти на изградба и реконструкција на 62 километри патишта со вкупна вредност од 32 милиони 680 илјади евра. Во 2014-2015 година ќе почнат проекти за изградба, реконструкција или рехабилитација на нови 63 километри на патишта во вкупна вредност од 35 милиони евра. Истите се однесуваат на делниците Велес – Катланово, Миладиновци – Куманово, Неготино – Демир Капија и Смоквица -Гевгелија, комплетирање на делницата на ниво на автопат. На ова претходеше изградбата на обиколницата околу Скопје и дел од автопатот „Александар Велики“. Сите овие планови не ги опфаќаат трите големи проекти: изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица во должина од 28 километри, автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип, 47 километри и автопатот Кичево – Охрид, 57 километри – рече Груевски.

Вкупната должина на овие три автопатишта е 132 километри, а нивната вкупна вредност околу 790 милиони евра.

– Овие автопатишта, заедно со останатите локални и регионални патишта кои ќе се градат и реконструираат во периодот 2014-2018 година, претставуваат инвестиција од преку една милијарда евра. Ваков инвестициски бран во инфраструктурата никогаш се нема случено во Република Македонија.

На одбележувањето на јубилејот се обрати и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој посочи дека се издвоени 30 милиони евра за патни делници и за реконструкција на мостовите низ Македонија. Тој издвои дека едни од најважните инвестиции во инфраструктурата се работата на коридорите 8 и 10, каде што се работи со полно темпо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top