| четврток, 6 декември 2018 |

Лидерите на ЕУ се договорија: Идниот седумгодишен буџет на Унија ќе тежи 960 милијарди евра

Лидерите на 27-те држави-членки на Европската унија по повеќе од 25 часа преговори во рамки на Самитот на Европскиот совет, постигнаа согласност за идниот седумгодишен буџет на ЕУ

102041610
Британскиот премиер Дејвид Камерон се смета за најголем победник на овој Самит, бидејќи успеа во намерата во идниот буџет на Унијата да има кратења на трошоците и Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) за перидоот 2014-2020 година ќе изнесува 960 милијарди евра, јавува дописникот на МИА.

Овие 960 милијарди евра со кои ЕУ ќе располага во идите седум години значат трипроцентно намалување во однос на актуелниот седумгодишен буџет (2007-2013), што изнесува 994 милијарди евра. Ова е првпат во 56-годишната историја на ЕУ седна буџетската рамка да биде помала од претходната.

Сумата што првите луѓе на Унијата ја договорија е далеку пониска и од предлогот на Европската комисија, што изнесуваше 1,025 билиони евра.

Според информациите, на овој историски состанок повторно излегла на површина поделеноста во Европската унија меѓу двете групи, при што едната ја сочинуваат земјите што во буџетот уплаќаат повеќе отколку што добиваат, а другата се земјите што повеќе користат отколку што донираат. Како што е познато, првата група е наречена „пријатели за подобро трошење” кои во време на економска криза бараат штедењето и буџетските кратење што ги прават во своите држави да се случува и во самата Унија. Другите, кои се именувани како „пријатели на кохезијата”, инсистираат на тоа мерките за штедење во европскиот буџет да не бидат на штета на средствата од кои се финансираат проекти наменети за намалување на разликата меѓу богатите и сиромашните земји во ЕУ.

Најголем удар за ЕУ е тоа што е договорено намалување на вработените во раководните одделенија на европската админситрација за пет проценти и замрзнување на платите на сите што работат во структурите на Европската унија во следните две години.

Во моментов, во раководните одделенија на ЕУ работат околу 42.000 лица, а на нивно кратење и воопшто намалување на работната сила во структурите на Унијата најмногу инсистираше Велика Британија.

Во очекување на прес-конференцијата на која претседателот на Советот, Херман ван Ромпуј, заедно со првиот човек на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо ќе ги објават деталите од договорот за идниот буџет на ЕУ, веќе е јасно дека најголем губитник на Самитот е францускиот претседател Франсоа Оланд, кој заедно со лидерите на Шпанија, Полска и Италија инсистираа да нема кратења на буџетот.

Во победничкиот тим на Велика Британија се најдоа и Шведска, Холандија и Данска, но се смета дека ваквото решение и одговара и на Германија, која долго време инсистира на штедење, иако на овој Самит, канцеларката Ангела Меркел не зазема страна меѓу Британците и Французите.

За да стапи во сила, идниот седумгодишен буџет на Унијата, покрај тоа што е усвоен на Европскито совет, мора да биде одобрен и со двотретинско мнозинство од страна на Европскиот парламент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top