| четврток, 6 декември 2018 |

Експертите: Ако не се држиме до принципиелните ставови, потклекнуваме во спорот со името

zaev seker file

Средбата меѓу Заев и Филе носи многу неизвесности и опасности за вкупната позиција на земјата и натамошниот развој на овој проблем. Ставовите на опозицијата оставаат простор за решенија кои можат да бидат опасни и затоа мора да бидат крајно внимателни да не нѐ доведат во ситуација која ќе биде неповолна за нас. Од друга страна, Владата има цврст став за прашањето со името кој не ги доведува во неизвесност идентитетот на народот и јазикот.

Ваков е ставот на експертите и на политичките аналитичари по вчерашната средба меѓу лидерот на опозицијата Зоран Заев со еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Брисел, на која се разговарало и за прашањето за името и од страна на социјалдемократите биле нотирани неколку идеи како би можел да се реши долгогодишниот проблем, пишува Курир.

Risto-Nikovski-1

Поранешниот амбасадор и актуелен политички аналитичар, Ристо Никовски смета дека добро е кога и опозицијата има средби во Брисел, меѓутоа лошо е што нема заеднички договор меѓу главните политички сили за стратегијата и целите кои сакаме да ги постигнеме.

-Од таа гледна точка секој разговор со меѓународниот фактор кој е не е кординирн дома може да донесува само некои неизвесности и недоречености со што може да се поткопа ставот за името.  Втората констатација е дека има индикации дека опозицијата има некои ставови кои не се баш во интерес на државата и дури можат да бидат опасни, тоа се однесува на фактот дека опозицијата подржува име за надворешно користење, т.е промена на референцата со име кое би се користело во меѓународните организации. Тоа е крајно опасно и тоа де факто значи ерга омнес само во еден релативно краток период. Затоа оваа средба носи многу неизвесности и опасности за вкупната позиција на земјата и понатамошниот развој на овој проблем, вели Никовски.

Тој додадава дека не верува дека социјалдемократите ветиле нешто во Брисел, бидејќи тие како опозиција не можат да ветуваат нешто бидејќи не можат тоа да го реализираат и според него поопасно е тоа дали превзеле некакви обврски, бидејќи тоа може да има крајно негативни последици за државата.

-Владата има цврст став околу прашањето со името кој не ги доведува во неизвесност идентитетот на народот, јазикот и така натака. Во меѓувреме опозицијата излегуваше со разни ставови, иако начелно и тие не беа за било каква промена на идентитетот, меѓутоа оставаат простор за решенија кои што можат да бидат опасни во таа насока и затоа мора да бидат крајно внимателни да не не’ доведат во ситуација која ќе биде неповолна за нас. Опасно е потклекнувањето пред меѓународните организации или земањето на било какви обврски во таа насока, потенцира Никовски.

Според него, од исклучителна важност е опозицијата да настојува да се постигне концензус во државата, иако тоа е задача на Власта, како што истанува Никовски, секој чинител има одговорност и свои обврски и би било добро во иднина, односно после овој разговор на Заев во Брисел, опозицијата да излезе со конструктивни предлози, а не со притисоци за решавање на името, заклучува Никовски.

Двојната политика на СДСМ не поминува кај македонските граѓани

g_karakamiseva

Професор д-р. Тања Каракамишева Јовановска смета дека неспорно е оти опозицијата има легитимно право да се среќава и да разговара со сите претставници од меѓународната заедница, во време кога таа ќе процени дека е потребно и на теми за кои таа смета дека треба да разговара, при што политичката одговорност е целосно нејзина.

-Она што може да и се забележи на опозицијата како голем минус во политичкото однесување е се поочигледниот двоен стандард или двоен аршин во однесувањето кое го практикува дома и надвор. Политичкото однесување  на опозицијата дома веќе во континуитет се карактеризира со потези кои наликуваат на класични опструкции, а во одредени ситуации тие наликуваат и на своевиден бојкот, како во случајот со работната група која е задолжена да ги имплементира препораките од Комисијата за настаните од 24 декември, случајот со работна група за подобрување на изборното законодавство каде предлозите кои доаѓаат од претставниците на СДСМ често пати не можат да ги разберат ниту самите европјани, затоа што европската изборна практика не ги препознава како европски стандард, итн, смета Каракамишева- Јовановска

Професорката смета дека оваа двојна политика е се поочигледна и за македонските граѓани, кои можат да проценат што е политичка реалност, а што провидна приказна која не може да пројде ниту на пазар, а камоли во ЕУ.

-За среќа г-динот Филе е добро запознает со политичките случувања во РМ, многу добро знае каде се кочат процесите кои се наметнати како домашна задача на државата, многу добро знае што е судски процес каде постои докажан криминал, а што политичко алиби за неспроведување на преземени и договорени обврски, и многу добро му се познати политиките на класични тужи-баби во основно училиште кои за да му се додворат на класниот раководител, и за да единствено тие добијат петка, ќе ги погазат интересите на сите свои соученици. Ова однесување не може да и се припише на ниту една зрела опозиција, бидејќи во него нема трошка конструктивност и сериозност. Ако г-динот Заев, како лидер на СДСМ, има идеи за тоа како да се придвижат европските интегративни процеси во земјата нормално и логично е да се очекува истите најнапред да ги сподели со македонската јавност, ако веќе не сака со власта, за да види какво е нивното мислење, па потоа да оди во Брисел и да бара европска поддршка, смета Каркамишева-Јовановска.

Нејзиниот став е дека Брисел нема да гласа за Заев, ниту за Шеќеринска, нивниот политички легитимитет доаѓа и извира единствено од македонскиот електорат и најмалку што можат да направат во знак на почит кон тој електорат е да го информираат за политиките кои ги смислиле далеку од очите на јавноста, бидејќи тие политики не се приватни, туку претендираат да бидат официјални државни политики.
Заев избега од одговори

Новинарите и јавноста останаа без одговори за клучни прашања. Најгласните поборници за слобода на говорот и на медиумите вчера во Брисел не сакаа да дадат изјава за постојаните дописници на македонски медиуми во европската престолнина со образложение дека не сакаат да ризикуваат и да одговараат на прашања.

Лидерот на СДСМ не најде време да му даде изјава на ниту еден од нив по средбата со еврокомесарот Штефан Филе. Дописникот на МИА, во својот извештај напиша дека Заев и Шекеринска одбиле да дадат изјава за државната информативна агенција, а до изјава не стигнала ниту дописничката на на МРТВ, кој добила образложение дека  “не сакаат да ризикуваат и да одговараат на прашања

Останува нејасно зошто Заев избега од прашања поради што новинарите и јавноста останаа без одговори за клучни работи. Дали Заев можеби ветил нешто спротивно на интересите на државата и дали нешто крие, останува отворена дилема.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top