| четврток, 6 декември 2018 |

Ивановски: Законите во насока на поефикасна администрација

Законите за административни службеници и за вработените во јавниот сектор се во насока на создавање поефикасна администрација. Со нив нема да се изврши урамнотежување на платите во јавниот сектор, а синдикатот ќе биде активно вклучен во утврдувањето на платата.

Ова беше истакнато на денешната заедничка прес-конференција на Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) и на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

– Со овие закони платите не се израмнуваат. Со нив се формира каталог на работни места. Можеби тука е и заблудата што дел од јавноста шпекулира дека ќе има израмнување на платите. Во каталогот на работни места има стандардизирање на работните места во јавниот сектор и тој ќе биде основа за сите идни отворања на работните места во која било институција, која ќе биде опфатена со законите – појасни министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Со двата закона, кои се работени по примерот на европските земји, се очекува државата да добие ефикасна администрација, која ќе биде во служба на граѓаните.

– Се надеваме дека по нивното влегување во сила во период од една година вработените во јавната администрација ќе бидат поефикасни и побрзо ќе им даваат услуги на граѓаните. Очекуваме дека со двата закона дополнително ќе се заштитат правата на вработените во администрацијата. Во секој момент ќе се знае колкава е бројката на вработените во администрацијата и има објективен начин како да се наградува тој што работи, а како да се санкционира тој што не работи со цел да се стимулираат што е можно поефикасно да ја извршуваат својата обврска – рече Ивановски.

Од синдикатот се задоволни од двата закона во кои, како што оценија, се регулирани значајни прашања за вработените во јавниот сектор како правото на платите и на надоместокот за плата.

– Имаме и предлог-забелешки што се поврзани со поразработената постапка околу оценувањето и казнувањето. Преговорите околу ваквите забелешки ќе продолжат со МИОА со цел да утврдиме предлози на закони, кои ќе бидат во функција – истакна претседателот на ССМ, Живко Митревски.

Преговорите меѓу Владата и синдикатот ќе продолжат и понатаму во насока на подобрување на предлог-законските текстови.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top