Целиот овој проект за пловен канал Дунав – Морава – Вардар надлежните институции во Македонија мора многу внимателно да го разгледаат и да ги изанализираат сите позитивни и негативни ефекти. Треба да се провери и економската оправданост на каналот, изјави за весникот „Политика“ професорот на Градежниот факултет во Скопје Љупчо Петковски.
Со евентуалната реализација на каналот Морава – Вардар – Егејско Море голем дел од обработливите површини и дел од населените места во тиквешијата и во гевгелиско-валандовскиот регион ќе бидат потопени. Тоа ќе предизвика негативно општествено влијание – миграции и професионална преориентација на населението, вели Петковски.
„Проектот би ги сменил и хидролошките услови во одделни региони, па така, на пример во гевгелиско-валандовскиот регион наводнувањето ќе треба да биде заменето со одводнување. Ова значи дека целата оваа студија мора да биде иновирана со студија на изводливост на проектот“, изјави Петковски.
Проектот беше актуелен и пред четири децении, па техничката документација ќе мора да биде унапредена.
Во овој меѓупериод променети се и еколошкиот и социолошките аспекти на водостопанските проекти, а променети се и стандардите за пловноста на каналите и нивната рентабилност. Во меѓувреме изграден е и автопатот Скопје – Солун, а тука е и нафтоводот, потсетува професорот.
Петковски смета дека овој мега проект мора да оди на сериозна процена за економската оправданост.
„Треба да се биде многу внимателен. Се работи за многу скап проект кој би ја задолжил државата, а ако се покаже непрофитабилен, тогаш може многу лесно да предизвика целосен застој во развојот“, рече Петковски и потсети дека и самиот интерес на Македонија за влез во еден ваков проект е многу деликатен. „Со овој проект многу лесно ќе дојде до занемарување на реализацијата на неколку значајни хидросистеми. Освен тоа и реката Вардар е многу неповолна река за организирање на воден сообраќај, а уште понеповолна е и хидрологијата на реката Пчиња во чија долина би била лоцирана една третина од пловниот канал во Македонија“, изјави Петковски за српскиот дневен весник „Политика“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст