Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан упати божикна порака до православните верници по повод Рождество Христово-Божик.
На овој ден, веќе повеќе од две илјади години, се објавува радосната вест дека во Витлеем се родил Спасител, дека Бог постанал човек, за човекот да се ослободи од ропството на гревот. Во тој неповторлив настан, собрани се и исполнети сите човечки надежи и очекувања низ вековите дотогаш, како и верата на вековите потоа, па сè до денес, и тоа ќе остане за вечност.
Се исполнило времето, па во личноста на Богомладенецот се соединиле Создателот и созданието: Бог од љубов постанал човек – Богочовек, за да може човекот да се препороди и обожи. Вечниот и надвремен Господ, со своето раѓање во времето, ни овозможил на нас луѓето да се издигнеме над времето и временото и да постанеме синови Божји. И, ете, токму тој настан, таа голема тајна на побожноста и тоа чудо над сите чуда – го празнуваме на овој ден.
Затоа Божик е доживување на единството со Христа и прославување на Бога, Кој живее во нашата вера во Неговото раѓање како човек и Спасител на светот. А ние, ќе покажеме дека не само по името, туку по верата и делата сме Негови следбеници, ако Неговата вистина ја потврдуваме со својата вистина, Неговиот со нашиот пат и Неговата со нашата љубов.
Во ова време со многу искушенија, најголемата утеха и најсигурниот мир ги имаме единствено во Христа Спасителот и Помирителот на небото и земјата.
Прославувајќи го големиот и радосен празник на Христовото раѓање, да заборавиме на себељубието, а да се украсиме со христијанската нелицемерна љубов, па со богоугоден живот да Му го приготвиме на Богомладенецот сопственото срце, во кое ќе се роди и од кое ќе направи Свое живеалиште. Христос се роди!- се вели во божикната порака на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Послание на МПЦ: Само сплотени заедно може да опстанеме како Црква и како народ
-
Христос воскресна, навистина воскресна
-
Македонска делегација на церемонијата на канонизација на Мајка Тереза
-
Груевски упати честитка до г.г. Стефан: Славејќи го овој голем празник, ги славиме и традиционалните вредности на нашето општество и на нашите семејства