| четврток, 6 декември 2018 |

Уапсен Јосип Перковиќ

josip-perkovicПоранешниот шеф на југословенската, а потоа и на хрватската разузнавачка служба, Јосип Перковиќ утринава е уапсен во Загреб врз основа на европски налог за апсење, бидејќи германското правосудство го товари дека во оваа земја учествувал во организацијата за убиство на хрватскиот политички емигрант Стјепан Ѓурековиќ во 1983 година.
Според адвокатот Анте Нобило, Перковиќ е уапсен утринава и се наоѓа во полициска станица, како и разузнавачот Здравко Мустаќ.
– Перковиќ е уапсен околу 10 часот и се наоѓа во полиција, каде во текот на денов ќе биде однесен на сослушување во Државното обвинителство, потврди Нобило.
Според законската процедура, Обвинителството треба да ги сослуша уапсените и да ги праша дали се согласуваат на екстрадиција.
Потврдниот одговор во врска со процедурата на екстрадирање би бил само формалност, но Нобило истакна дека Перковиќ нема да се согласи со тоа.
Првиот ден од 2014 година стапува во сила европскиот налог за апсење, кој Хрватска го измени непосредно пред влегувањето во ЕУ на 1 јули, со дополнување дека овој налог не може да се однесува на оние кои ги извршиле кривичните дела пред август 2002 година, но потоа под притисок на Европската комисија го врати претходниот текст.
Освен Перковиќ, европскиот налог за апсење од оваа година ќе биде активиран и за уште 28 лица за кои членките на ЕУ распишале потерница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top