Факт е дека оваа година имаме спроведено многу проекти, многу реформи, имаме започнато работи кои веројатно порано и не можеле да се замислат, на пример од типот на неонатална кардиохирургија, гасификацијата на Клиничкиот центар, „рурален доктор“, „дисперзирана клиника“, „Мој термин“, но остануваат уште многу работи кои треба да се подобрат и на кои мораме да бидеме фокусирани во наредниот период.
Ова во интервју за МИА го истакнува министерот за здравство, Никола Тодоров, кој вели дека здравството и во 2014-та ќе биде владин приоритет.
-Има многу работа во здравството, област која не можеш да кажеш дека комплетно си ја средил. Не постои таков здравствен систем, земете го швајцарскиот, францускиот, германскиот, канадскиот, сингапурскиот или хонгконгшкиот здравствен систем, тоа се најдобро организираните здравствени системи во светот, но сепак имаат проблеми, имаат предизвици кои мора да ги решаваат на дневна, неделна или на годишна основа. Во здравството има многу работа и ќе има уште многу работа. На нас е да не застанеме со проектите, да најавуваме, да имплементираме и да се грижиме добро да се спроведуваат, вели Тодоров.
МИА: Имајќи ја предвид Вашата заложба за унапредување на условите за работа на докторите што значи поквалитетни здравствени услуги и позадоволни пациенти, како се одвиваат активностите околу изградбата на новиот клинички комплекс „Мајка Терза“ и како се одвива реализацијата на проектот за реконструкција и доградба на болнците низ државата?
-Во овој дел го имаме веројатно најголемиот инвестициски циклус во здравствената инфраструктура во Македонија. Во 2013 година беа започнати и завршени или во тек се проекти вкупно 48, во вкупна вредност од околу милијарда и 480 милиони денари, што само по себе претставува еден показател дека Владата има сериозен фокус ставено на изградбата и реконструкцијата на здравствената инфраструктура. Покрај тоа оваа година многу активно и многу напорно работевме на два огромни капитални проекти во здравството – Клиничкиот центар во Скопје и Клиничката болница во Штип. И во едниот и во другиот случај проектите се во многу напредна фаза, говорам за изработка на основните проекти, ревизија и проекти кои се однесуваат во фазите електрика, машинство итн. Очекувам многу скоро да најавиме дека се објавени и тендерите за изградба. Тие ќе бидат објавени од страна на Банката на Советот на Европа, тоа е процедурата, сепак станува збор за една инвестиција од околу 100 милиони евра. Почетокот на изградбата ќе зависи од динамиката што ќе ја утврди Банката на Советот на Европа за тендерските процедури имајќи предвид дека во овој случај не се применуваат тендерските процедури на националното законодавство односно не се применува Законот за јавни набавки во Република Македонија и не важат тие рокови. Ќе важат рокови кои ги определува Банката на СЕ кои се веројатно подолги од роковите кои важат во Република Македонија. Ќе се оди со тендер во две фази-првиот е фаза на пријавување или селекција на фирми, а вториот е доставување на понуди и тоа е процедура која ја преферира Банката на СЕ и во рамки на која ќе се склучи договор за градба и на Клиничкиот центар во Скопје и на Клиничката болница во Штип. Оваа година работевме на реконструкција или на изградба на огромен број на здравствени установи. На пример болницата во Козле одлично напредува. Во септември 2012 година ја почнавме изградбата, очекуваме септември 2014 година да се заврши и тоа е рокот кој е предвиден во договорот, а гледам дека оди целосно согласно предвидената динамика. Тоа е исто една можеби не толку капитална инвестиција како што се Клиничката болница во Штип и Клиничкиот центар во Скопје, меѓутоа претставува многу значајна инвестиција на секундарно ниво имајќи предвид дека сакаме таа да биде не само Детска болница за белодробни заболувања, туку педијатриска болница на секундарно ниво и на тој начин ќе се растерети терцијарното здравство односно Клиниката за педијатрија во Скопје која ќе може да биде фокусирана на многу посложени случаи. Проектот за Клиничката болница во Штип е во малку понапредна фаза од проектот за Клиничкиот центар во Скопје. Тоа е нормално и очекувано затоа што Клиничкиот центар во Скопје не само што е огромен проект по обем на финансии, туку е веројатно и по сложеност еден од најголемите проекти затоа што немало досега искуство во Македонија со проектирање или изградба на ваков тип сложени објекти од терцијарно здравство. Во Штип проектот е во добра фаза меѓутоа, како што реков, ќе се следат процедурите на Банката на СЕ и во зависност од тоа кои рокови ќе ги определи таа, во тој рок и ќе се отпочне со градбата, иако ние како Министерство до крајот на јануари комплетно ќе бидеме готови со основниот проект и ќе можеме да добиеме дозвола за градба на почетокот на февруари. Од процедурите на Банката зависи кога ќе заврши тендерот и кога потоа ќе се склучи договорот за градба, одговара министерот.
МИА: Годинава се извршени рекорден број трансплантации на бубрези од жив донор. До каде е постапката за изведување трансплантации и на други органи од жив донор, како и за повторно заживување на кадаверичната трансплантација?
-За кадаверичната трансплантација направивме еден сериозен исчекор напред со носење на легислатива која што ќе ни овозможи зголемување на бројот на случаи на кадаверична трансплантација и тоа ќе овозможи практично имплементација на овој метод на трансплантација кој постоел во 1989 година во Македонија. Потоа е сопрена целата работа и оттогаш нема посериозни активности во овој дел. Инаку во делот на трансплантацијата од жив донор, точно е оваа година имаме рекорден број на трансплантации на бубрег, а за наредната година планираме тој број дури да го зголемиме, но што е многу позначајно за мене, е да почнеме и трансплантација на други органи пред се на црн дроб, нешто за што пациентите ги испраќаме во странство. Имаме минимум десетина пациенти годишно кои се упатуваат за таква трансплантација во странство и на тој начин да воведеме уште една многу сериозна здравствена услуга во македонскиот здравствен систем. Планираме тоа да го направиме заедно со еден доктор од Франција кој заедно со цел негов тим ќе дојде, ќе ги врши трансплантациите на црн дроб тука во Република Македонија и ќе обучува на тој начин наши хирурзи. Планираме да почнеме со трансплантација и на возрасни, но и на педијатриски случаи и практично двата сегменти во делот на трансплантација на црн дроб да ги развиеме во Македонија. Очекувам дека истиот концепт кој го имаме за неонатална кардиохирургија и во кој тим од 15 доктори и медицински сестри од САД обучуваат наши лекари и притоа оперираат, кој се покажа за исклучително успешен, ќе биде исто така успешен и во делот на пренесување на знаења и отпочнување, воведување на оваа исклучително сложена метода. Со воведување неонаталната кардиохирургија и воведување на трансплантација на црн дроб, Македонија многу сериозно се издигнува на полето на здравството, имајќи предвид дека се воведуваат многу сложени хируршки интервенции кои почнаа да се работат во јавното здравство во Република Македонија, како и изградбата на ПЕТ Центарот кој придонесува Македонија да се најде во групата земји кои имаат врвно развиена дијагностика, вели Тодоров.
МИА: Како се одвива процесот на отворање центри за интервентна кардиологија во повеќе градови низ државата?
-Тој процес исто така се одвива добро. Се отвори Центарот во Битола, но тоа е процес на кој инсистираме, меѓутоа не притискаме да се воведе побрзо од тоа што смета тимот доктори предводени од доктор Сашко Кедев, дека може да се воведе. Тие ја воведуваат оваа метода на интервентна кардиологија во повеќе центри. Идејата е да имаме ваква мрежа во Скопје, Битола, Штип, Тетово и во Охрид и на тој начин да имаме добро поставена мрежа на интервентна кардиологија во Македонија. Во Битола почна добро, имаме 160 веројатно и повеќе интервенции извршени самостојно. Сега почнуваме со истиот принцип и во Штип, доаѓа тим од Скопје еднаш во неделата, а некогаш можеби два или три пати месечно во зависност од бројот на пациенти, изведува интервенции и на тој начин ги обучува докторите таму, а докторите претходно се испратени во Скопје и таму се обучувани од страна на доктор Сашко Кедев и докторите кои работат на Клиниката за кардиологија. Идејата ни е да поставиме кредибилен систем кој ќе биде еднаков по квалитет на системот кој функционира во Скопје. Имаме одличен стандард на кардиологија во Скопје и не смееме да дозволиме тој стандард да го нарушиме, рече Тодоров.
МИА: Електронскиот систем за закажување прегледи и интервенции „Мој термин“ функционира на цела територија на државата. Дел од пациентите се жалат на непочитување од страна на докторите на закажаниот термин за преглед. Како ќе го решите тоа?
-Ова е еден многу уникатен систем кој не е имплементиран досега во Европа за електронско закажување за практично целосно интегриран систем кој е поврзан во реално време, кој ни овозможува еден многу добар преглед на целото здравство, но и овозможува подобро менаџирање на гужвите. Тоа ни беше најзначајно кога тргнавме со овој систем. Тука имаме проблеми на две страни кои ги знаеме уште пред имплементацијата на системот, а тоа е проблем на страната на лекарите и проблем на страната на пациентите. Проблемот на страната на лекарите е доколку лекарот не дојде на закажаниот термин или се одолжи или воопшто не се реализира закажаниот термин. Тоа законски го решивме. Предвидовме во Законот соодветен надомест да му се исплати на пациентот, кој не ја добил здравствената услуга која му била закажана преку електронскиот систем и секој пациент има право тоа да го бара. Јавно апелирам до сите пациенти секогаш кога неоправдано здравствената услуга нема да им биде дадена, а имале закажан термин да си побараат рефундација на трошоци од здравствената установа, која потоа е должна да побара рефундација на тие трошоци од страна на докторот по чија вина е откажан терминот неоправдано. Тоа е овој сегмент на системот кој го имаме решено законски, а вториот сегмент е кога пациентите не доаѓаат на закажаниот термин, тоа е исто крупен проблем. Тука преземавме една мерка за СМС известување кое дава ефекти, 65 проценти од термините беа искористени односно граѓаните доаѓаа на закажаниот термин, а сега дојдовме до 87 проценти, што можеби не е целосно доволно но има сериозен напредок. Очекувам дека во наредниот период овој процент се повеќе и повеќе ќе се зголемува и ќе нема термини кои неоправдано пропаѓаат. Овој систем на среден рок комплетно ќе го промени функционирањето на здравствениот систем од сите аспекти – и од аспект на хоспитална култура, но и од квалитативен аспект, бидејќи докторите секој ден се подготвени за пациентите кои доаѓаат, ги знаат дијагнозите, знаат колку пациенти имаат, може да се подготват, тоа посебно влијае на квалитетот на услугата која ја даваат. Има појави на доцнење на докторите на закажаниот термин за преглед, меѓутоа ова е систем на функционирање, мислам на здравствениот систем, во кој не може секогаш до минута се да биде испланирано. Секогаш постојат определени компликации, различни случаи – некој е полесен, а некој е потежок. Некогаш постојат итни случаи и докторот мора да реагира, да се качи во сала или некои други причини кои може малку да го одолжат времето. Меѓутоа тоа е многу различно од она што го имавме претходно кога сите пациенти доаѓаа во 8 часот и чекаа додека не бидат прегледани, некој беше прегледан во 8 часот, некој во 10, некој во 12, некој во 13 часот. Сега доаѓаат во точно определено време, можеби ќе почекаат 15, 20, 30 минути, но тоа ќе овозможи прво да се почитува времето на докторот, а второ да се почитува времето и на пациентот. Ова е еден систем кој сериозно треба да помогне да се подигне неколкукратно хоспиталната култура и односите во здравството, и почитувањето на времето на докторот и почитувањето на времето на пациентот. Ова е еден систем кој нуди можности кои се на многу високо културолошко ниво и дополнително ќе го подигне тоа културолошко ниво, особено во делот на здравството, но мислам малку и пошироко, истакна министерот за здравство.
Целото интервју на Никола Тодоров, прочитајте го на МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Филипче се грижи за граѓаните, ама не знае како да стигнат до клиника!
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Нов скандал во здравството: Отпадна најквалификуваната сестра, прва на листа, а се вработи последната