| четврток, 6 декември 2018 |

„Њујорк тајмс“: Ал Каеда не е одговорна за нападот врз американскиот конзулат во Бенгази во 2012 година

Ал Каеда не учествувала директно во нападот врз конзулатот на САД во Бенгази на 11 септември 2012 година, во кој загинаа четворица Американци, вклучувајќи го и амбасадорот, посочува весникот „Њујорк тајмс“.

Од истрагата на весникот, објавена на нивниот сајт, станува јасно дека смртта на амбасадорот Крис Стивенс и неговите сонародници е предизвикана од локални напаѓачи, забележуваат француските медиуми.

Оваа информација може да предизвика полемика во Вашингтон, откако владата на Барак Обама неколку пати беше обвинета дека ја крие вистината за тоа што се случило во Бенгази. Овие тврдења владата постојано ги отфрлаше.

Весникот посочува, исто така, дека нападот може да е дело на гневни демонстранти, кои се упатиле кон дипломатската мисија откако локалните телевизии емитувале антиисламски филм произведен во САД.

Потпирајќи се на разговори со жители на Бенгази, кои, според „Њујорк тајмс“, имаат директна информација за нападот, весникот тврди дека не прифатил ниту еден доказ за тоа дека нападот врз мисијата е извршен од Ал Каеда или друга меѓународна група.

Напротив, нападот е изведен од борци, кои директно ја искористиле логистиката и значителната воздушна моќ на НАТО за време на бунтот против режимот на Моамер Гадафи, убиен во октомври 2011 година, прецизира њујоршкиот дневен весник на својот сајт.

Цитирајќи високи американски претставници, „Њујорк тајмс“ посочува дека еден од главните осомничени е локалниот бунтовнички лидер Ахмед Абу Хатала. Според истрагата на весникот, Хатала се наоѓал во американската мисија за време на нападот. Во интервју за „Њујорк тајмс“ тој признал дека бил таму, но негирал дека е одговорен за нападот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top