Македонската ракометна репрезентација се соочи со уште еден голем проблем на само 15 дена пред почетокот на Европското првенство во Данска.
Филип Лазаров во разговор за „Република“ потврди дека на синоќешниот тренинг во Пореч ја скршил дланката и дека, за жал, ќе го пропушти претстојното првенство во Данска. Капитенот на РК Вардар поради повредата би можел да отсуствува од теренот повеќе месеци.
– Точна е информацијата за повредата. Скршив коска на левата дланка и ќе го пропуштам Европското првенство во Данска. За жал на малерите како да им нема крај – вели Филип Лазаров.
Тој попладне во 16.00 часот пристигнува во Скопје, по што ќе замине на преглед во клиничката болница “Систина”. По извршените прегледи, ќе се знае дали ќе треба да биде извршен хирушки зафат. Со повредата се здобил при еден дуел со Филип Миркуловски.
Ова ќе претставува дополнителен проблем за селекторот Обрван со оглед на минималниот избор на бековската позиција, со оглед на тоа дека Мојсовски е повреден, а Вугринец не доби право за настап на ЕП.
Вчера на репрезентацијата ѝ се приклучи Кире Лазаров, а за денеска се очекува да пристигне и Борко Ристовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.