| четврток, 6 декември 2018 |

Приведени двајца доктори за примање поткуп – барале 450 евра

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР на РМ вчера реализираше случај на примање поткуп, за што се осомничени лицата Ј.Н. (45) од Скопје, вработен како доктор на Универзитетска клиника за уво, нос и грло во Скопје, и Н.П. (29) од Скопје со статус доктор-специјалист на истоимената клиника.

Имено, на почетокот на овој месец  осомничените ѝ побарале на пациентка од Скопје парични средства во износ од 450 евра за да се извршат две хируршки интервенции, и тоа функционална операција на носната преграда и естетска операција на нос, а истите требало да ги предаде пред да бидат извршени хируршките интервенции.

По пријава на случајот во МВР и дадените насоки од надлежен јавен обвинител, од страна на Секторот за корупција се преземени мерки и активности за документирање на истиот, при што побараните парични средства (поткупот) од пациентката се претходно технички обработени.

Бараните парични средства во два наврати во текот на декември од страна на пациентката ѝ се дадени на специјалистката Н.П., а биле наменети за д-р Ј.Н. кој требало да ги изврши хируршките интервенции.

Врз основа на претходно обезбедени наредби од судијата, извршени се лични претреси, претрес на домовите и претрес на службените простории на осомничените. При извршен личен претрес на лицето Н.П., пронајдени се девет банкноти во апоени од по 50 евра, што претходно биле технички обработени и дадени од страна на пациентката, додека кај лицето Ј.Н., при претрес на неговиот дом и службените простории, пронајдени се одредени писмени прибелешки со лица и телефони, список на закажани операции и фотографии кои би можеле да бидат од интерес за кривичната постапка.

Осомничените се приведени во полициската станица „Карпош“ и по целосно расчистување на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за лицата Ј.Н. и Н.П. поради постоење основано сомнение дека извршиле кривично дело примање поткуп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top