Создадени се услови да се побара од Советот за безбедност ефектуирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, истакна претседателот Ѓорге Иванов во последното годишно обраќање во неговиот мандат во Собранието на Република Македонија.
Создадени се услови, рече претседателот, да се побара од генералниот секретар на Обединетите нации, во согласност со неговите надлежности, да поднесе извештај до Советот за безбедност на Обединетите нации за состојбата во која се наоѓаат разговорите што ги води посредникот Нимиц.
– Нема да дозволиме да се гази врз достоинството на Македонија, да се негираат човековите права и правото на човечко достоинство – нагласи Иванов.
Тој потсети дека на 5 декември се навршија точно две години од донесувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
– Во духот на добрососедството, на нашиот јужен сосед му оставивме доволен временски простор од цели две години со надеж дека во добра волја ќе ги исполни нашите, но и очекувањата на Судот. Очекувања дека нема да го повтори неодговорното однесување од Букурешт. Однесување што беше оценето како нелегално од страна на највисокиот правен авторитет во светот. Но, Атина не ја искористи можноста и продолжи да го крши меѓународното право. Продолжи непочитувањето на Привремената спогодба и пресудата. Продолжија старите блокади, уцени и притисоци, зачинети со нови изговори – истакна Иванов.
Како сосед, вели тој, не посакувавме да ја тужиме Атина во Хаг, но бевме принудени на таков чекор.
– Како сосед, ние не посакуваме да се обратиме до Советот за безбедност на Обединетите нации, творецот на резолуциите во чии рамки се води процесот, и да бараме спроведување на пресудата и нејзино безусловно почитување. Но, како и по Букурешт, и сега немаме друг избор – додаде Иванов.
Непочитувањето на меѓународно преземените обврски, како што нагласи шефот на македонската држава, ја доведува во прашање кредибилноста на официјална Атина во спорот што ни го наметна.
– Имаме и право и основа да се сомневаме во нивната подготвеност да ги почитуваат договорите. Само почитувањето на правните механизми може да ни помогне да ја изградиме довербата. Пресудата може да ја игнорираат, но не може да ја негираат. Таа е тука, и чека да биде испочитувана. Но, не може да чека до бескрај – рече Иванов.
Меѓу бројните предизвици, како што вели, еден постојано ни се наметнува и ни ја попречува иднината – проблемот што официјална Атина го има со нашето име.
– За време на мојот мандат постојано истакнував дека Република Македонија е подготвена за заемноприфатливо решение, решение во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Привремената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Прашањето за идентитетот не е дел од рамката. Идентитетот не се регулира со акт запишан на парче хартија. Идентитетот не може да се купи, украде или фалсификува. Постојано истакнувам дека нема да дозволиме промена на кој и да било аспект на нашиот идентитет – нагласи претседателот Иванов.
Во минатото, како што додаде, многумина посегнувале по нашиот идентитет и нашата самобитност.
– Постојано се обидувале да ни наметнат нечии туѓи идентитети и туѓи претстави за нас самите. Во време на туѓа власт, нашите предци не потклекнаа на притисоците. Нема да потклекнеме ниту ние, денес, кога имаме сопствена независна, суверена и самостојна држава. Држава која нè штити нас и нашите интереси. Никогаш повторно нема да се случи некој да ни наметнува туѓ идентитет – истакна Иванов.
Шефот на македонската држава нагласи дека останал доследен на ставот да прими извештај на Европската комисија само под услов да ја содржи придавката „македонски“.
Потсети дека неодамна се одржа Европскиот совет, каде што повторно се соочивме со блокада на нашиот европски пат.
– Пет години по ред Европскиот парламент и Европската комисија даваат препорака за неодложно почнување на преговорите за членство, за што сме искрено благодарни. Благодарни сме им на земјите-членки на Европскиот совет што нè поддржуваат и чиј број постојано се зголемува – вели тој.
Но, пет години по ред, како што додаде, Европскиот совет не може да го постигне консензусот поради една земја-членка.
– Цело време ни се испречува ултиматум од нашиот јужен сосед, не само за името на државата, туку и за идентитетот на македонските граѓани – рече претседателот.
Блокирајќи ја нашата интеграција во НАТО и во ЕУ, како што истакна, Атина ни го попречува правото на просперитет.
– Пропуштивме многу можности и изгубивме многу енергија обидувајќи се да излеземе од лавиринтот во кој бевме втурнати. Немаме намера на идните генерации во наследство да им оставиме ваков проблем. Проблем во кој се најдовме поради отсуство на волја за добрососедство кај дел од политичкото раководство на Атина – подвлече Иванов.
Тој потсети дека веќе 22 години светот ја слуша невистината дека името Република Македонија имплицира територијални претензии кон јужниот сосед.
– И веќе 22 години Република Македонија на дело ја побива таа невистина. Никој веќе не верува во таа бесмислица. Нашите општества и економии одлично живеат и соработуваат, со што ги демантираат сите обвинувања и квалификации на дел од политичката елита на соседот – додаде Иванов.
Република Македонија, како што истакна, отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив.
– Македонија секогаш се водела од принципот дека мора да си помагаме, а не да си попречуваме. На излитената и старомодна политика на негирање, уцени и закани од страна на нашиот сосед, ја спротивставуваме македонската политика на добрососедство, отвореност и подготвеност за дијалог – истакнува Иванов.
Подвлече дека вистината може да се брани само со силата на аргументот и дава дека на сите средби, и во земјава и во странство, упорно се бори со силата на аргументот, укажувајќи на вистината за Македонија.
– Оној што не се соочува со реалноста, живее во илузии. Република Македонија е реалност на Балканот, реалност во Европа, реалност во меѓународната заедница. Бараме и очекуваме од Атина, како земја-членка на Европската унија, со нас да се однесува европски. Бараме и очекуваме кон нас да се применуваат европски критериуми и стандарди за членство. Ни помалку, ни повеќе од тоа. Република Македонија е европска држава и заслужува европски третман – истакна шефот на македонската држава.
НАТО, како што нагласи, функционира благодарение на меѓународните договори. Унијата се темели на почитувањето на владеењето на правото, на меѓународното право, на човековите права. Камен-темелникот на НАТО и на Унијата не може уште долго време да биде и камен на нивно сопнување. Државите и меѓународните организации имаат сè поголема потреба за правно уреден меѓународен поредок.
– Бараме и очекуваме Европската унија и НАТО да го повратат својот кредибилитет во случајот со Република Македонија – подвлече шефот на македонската држава.
Во македонското Собрание се присутни претставници на власта, на највисоките институции во државата и на дипломатскиот кор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани