| четврток, 6 декември 2018 |

Резервоар со слатка вода со големина на Ирска пронајден под Гренланд

Научници пронајдоа огромен резервоар со вода од стопен мраз со големина на Ирска, кој во текот на цела година лежи незамрзнат под гренландскиот леден покривач и може да даде важни информации за растот на нивото на светските океани и мориња, јави „Би-Би-Си“.
Според студија објавена во „Природа геонаука“, научниците наведуваат дека водата е во воздушните џебови меѓу делови од мразот на сличен начин на кој овошен сок може да остане течен во ледени пијалаци.
Тие, сепак, имаат многу прашања на кои немаат одговор за тоа каде и со која брзина тече таа вода, ако воопшто се движи.
Најновата студија утврдила дека значителни количини вода од стопен мраз се наоѓаат во делумно цврст слој снег кој го образува горното ниво на глечери и сѐ уште не е замрзнат.
Во пролетта 2011 година истражувачи прокопале подлабоко во слој од снегот и, на нивно изненадување, пронашле вода иако температурата била минус 15 степени.
Со оглед дека тоа било многу пред почетокот на летото, тимот научници заклучиле дека таа вода останува во течна состојба и за време на зимата на Гренланд. По нивни проценки во резервоар под површината на мразот со големина 70.000 квадратни километри има 140 милијарди тони вода што е колку и годишниот раст на морињата од 0,4 милиметри или половина вода која од Гренланд истекува секоја година во море.
Но, научниците воопшто не знаат каде оди таа вода.
– Тоа зависи од тоа дали водата е поврзана со системот преку кој се одлива во океан или е изолирана и целосно се однесува како одвоен резервоар – вели Рик Фостер, професор од Универзитетот во Јута.
Тој додава дека е потребно многу подобро да се истражи целиот систем за да може да се предвиди дали и колку ќе порасне нивото на морето за што најмногу придонесе во изминатите 100 години топењето на гренладскиот леден покривач.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top